(Видео) На велосипед од Велес до Брисел против ракот и за успешен референдум

Педесет и седумгодишниот Ване Михајловски на 5 септември замина од својот Велес за Брисел, каде вчера пристигна за да ги пренесе двете пораки што му лежат на срце: не плашете се од ракот, тој може да се победи и гласајте “за“ на 30 септември за подобро здравство и поквалитетен живот.

Ване го сретнавме во дождливиот Брисел, ден по неговото пристигнување во европската престолнина, на неговиот велосипед, завиткан во европско и македонско знаме. Енергичен, расположен и насмеан, никој не би помислил дека овој човек пред само неколку месеци бил меѓу животот и смртта.

Пред седум месеци, Ване Михајловски доживеал мозочен удар кој, како што вели, на некој начин го “спасил“, бидејќи крварењата што ги добил по ударот ги алармирале лекарите дека нешто не е во ред. Еден месец по ударот на Ване му е дијагностициран рак на дебелото црево во напредна фаза, раскажува тој за МИА, седнат во кафуле блиску Европската Комисија во Брисел, со чајче од свежа мента в рака.

Поради ударот во мозокот лекарите му советувале да не прима хемотерапија, па тој се одлучил по операцијата да им даде предност на природните терапии, како дива циклама со мед и масло од канабис. Но, не од тоа што го продаваат во аптеките, ни вели Ване.

Освен природните терапии, тој се посветил и на физичката активност, иако докторите го предупредувале да внимава и да одмора, и посебно да не се искачува високо на надморска висина по мозочниот удар.

Денес Ване сѐ уште се соочува со ризик од рак на лимфните жлезди, но не се откажува од физичката активност, посебно возењето велосипед.  Секако тој внимава да не носи тешко, носи појас околу стомакот и не заборава да одмори. Што не го спречило да вози десетици километри велосипед по ридски предели. Така и одлучил да извози 18 дена од Велес до Брисел и да им порача на луѓето да не се плашат од ракот.

– Кога ќе слушнат рак, луѓето веднаш помислуваат на смрт, ни раскажува Ване. Не е така, не треба да се падне, со физичката активност се исфрла киселоста која го храни ракот и треба да се биде во природа, затоа што кислородот ги убива малигните клетки, вели тој.

Тоа е неговата прва порака по неговиот подвиг, кој го посветува на болните од рак секако, посебно на „борките“ и жените кои починале од канцери. Но, и на сите Македонци кои треба да гласаат на референдумот на 30 септември, вели Ване, без разлика дали се за или против.

– Јас ќе гласам “за“ на референдумот, вели гордо и ги отфрла повиците за бојкот.

За него, јасна е поврзаноста помеѓу битката против ракот и битката за референдумот: да беше Македонија дел од Европа, тој е уверен дека побргу ќе му беше дијагностициран ракот, дека здравството во земјата ќе беше поквалитетно, дека лекарите немаше толку да си заминуваат, и дека ќе можеа да си ја работат работата, наместо да бидат предмет на партиски и политички притисоци.

Раскажува дека кога му е пронајден туморот, тој веќе бил над седум сантиметри.

– На 7,70 цм му треба осум години да израсне, а докторката што ме третираше, ме третираше пет години, како е можно да не го види? Имав тегоби, гасови, исполнетост на стомакот, а таа цело време ми викаше на нервна база е, на нервна база е и наместо апчиња за стомак ми даваше апчиња за глава што се вели!

Пред четириесет дена починал и татко му. И за оваа трагедија тој вината ја гледа во здравството. Татко му пристигнал со болки и мачнини, но и по четири дена лекарите сѐ уште не поставиле дијагноза. Пред точно четириесет дена, татко му скокнал низ прозорецот од болницата… -Како е можно? прашува Ване

Зошто не била поставена дијагноза, зошто татко му не бил третиран и како е можно пациентот да не бил под надзор, се некои од многуте прашања кои овој борец си ги поставува, и за кои верува дека еден од одговорите лежи во процесот на зачленување во ЕУ, процес кој треба да биде овозможен доколку граѓаните го прифатат Договорот на 30 септември.

Но, здравството не е единствената болка на Ване Михајловски.

Како член на ВМРО ДПМНЕ од 1991 година, тој е длабоко разочаран од партијата не само поради тоа што таа нема јасен став за референдумот, но и поради начинот на кој владееше 11 години.

Во 2013, раскажува тој, партијата му ја затворила радио станицата, ЦД Радио од Велес.

Вели дека уште од 2008 почнале притисоците поради професионалното работење на неговите новинари, дека проблеми имал поради тоа што оставал простор во етерот на луѓе блиски до тогашната опозиција, но и поради ставовите кои ги искажувал на својот профил на Фејсбук.

– На сопствениците на фирмите кои се рекламираа кај мене им велеа да престанат, инаку им се закануваа дека ќе им пуштат инспекција од УЈП, и така секнаа рекламите, посочува Ване.

Ване се обидел да најде решение преку корекламирања, но денес жали што не се одлучил побргу да стави клуч на врата бидејќи ја загубил и заштедата на тој начин.

– Останав и без пари, и без радио и со вработени на улица, и не сум само јас, раскажува тој.

Михајловски има и многу други приказни за притисоци, заплашувања, закани за време на владеењето на претходната гарнитура, но она што длабоко го огорчува, вели, е кога слуша како одредени политичари повикуваат на бојкот за референдумот, а нивните деца живеат во земји на ЕУ и НАТО, или таму имаат станови и куќи.

– Многу себично некој кој крадел 11 години, ги школувал децата во Европа, имаат станови во ЕУ и НАТО земји и да ни вика сега страшно е немојте! Лицемерно и жално е за народот!

Вели и дека има доказ дека ракот му се развил поради сите стресови што ги преживеал сите овие години со затворањето на радиото и отпуштањето на вработените.

– Откако ме оперираа, она што го отсекоа го дадов на ДНК анализа да видам дали е наследно или од јадење и знаете што беше резултатот. Стрес! Не било случајно, капак на сѐ тоа беше…

– Мило ми е што не потклекнав на тие закани, имав закана дека ќе ме носат во полиција, ми правеа претрес затоа што пишував на Фејсбук, им сметаше кога ќе пишам за Груевски, за Илија Димовски, ме однесоа кај Горан Грујевски и ми рекоа престани да пишуваш. Им реков сѐ ми земавте, ми го затворивте радиото, раскажува Ване.

Поради сите притисоци, после сѐ решил да земе бугарски пасош и да избега. Вели дека денеска му е криво што во минатото ги критикувал тие што земале бугарски пасоши и дека тогаш разбрал. Побегнал преку граница и заминал да работи во Италија, а се вратил во Македонија  кога Оливер Спасовски бил назначен за министер за внатрешни работи. Сепак Ване и натаму има членска книшка од ВМРО ДПМНЕ, но смета дека името “ВМРО“ не треба да се присвојува партиски и бара преименување на неговата матична партија.

– ВМРО, вели Ване, му припаѓа на целиот македонски народ.

Вечерва тој е поканет на приемот кој го организираат македонските дипломатски претстанивништва во Брисел по повод денот на независноста, а веќе утре ќе замине назад за Македонија.

Го прашавме дали и назад ќе се враќа на велосипед.

– Сакав ама немаше да стигнам на време за референдумот, одговори низ смеа и замина да го прошета низ сивиот Брисел.