На бесплатна бања ќе одат 37 пензионери од дебарско

Правото на бесплатна бањско климатска рекреација годинава ќе го користат 37 пензионери од општините Дебар и Центар Жупа.

-Правото на бесплатна бања ќе го користат во познатите по својата лековитост „Дебарски Бањи-Цапа“,каде што престојуваат и пензионерите од југозападниот регион. Сите 37 пензионери на бањи ќе престојуваат од 28 март до четврти април, вели Бардул Баланца, референт во Деловната единица на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, која со својата активност ги покрива двете општини.

За ова право годинава аплицираа 63 пензионери, што е многу помал број споредено со изминатите години. Тоа е главно поради фактот што оние кои веќе го користеле ова право, годинава немаа право да доставуваат барања. Затоа, пак, додаваат од единицата, бројот на оние кои добиле позитивен одговор на барањето е поголем.

Од почетокот на реализација на овој владин проект, во 2010 година, од двете општини, каде има над две илјади пензионери, оваа поволност, преку Министерството за труд и социјална политика, ја исползувале над 450 пенизонери.

-Тие се повеќе од задоволни за грижата што Владата ја посветува на оваа категорија на граѓани. И од управата на Дебарски Бањи-Цапа се здоволни од проектот на Владата, бидејќи средствата остварени по овој основ се добредојдени и се насочуваат кон осовременување на капацитетите во двата бањски локалитети, Косоврасти и во Бањиште,посочува Баланца.

Инаку, во двата локалитета традиционално престојуваат и пензионерите од југозападниот регион на државава,како и дел на пензионери од Скопје.