Најромантична предновогодишна забава: Скопје танцуваше на „Џипси кингс“

Тага, радост, танго и латино танц се измешаа на првиот концерт на светската поп-атракција „Џипски кингс“ во Скопје. Кој дојде во ВИП Арената во петокот вечер и издржа три часа загревање со групите „Баклава“ и „Чалгија саунд систем“, доби врвна предновогодишна забава, а кој не, изгуби шанса да ужива  во маестралната изведба на музиката во која се мешаат традиционалниот фламенко стил, со поп и латино ритам по кои се препознатливи над 30 години на музичката сцена. Актуелната формација на Пако и Микаел Баилардо која доаѓа од Франција, не врати во минатото и во младоста, но ја задржа актуелноста со преработката на планетарниот хит „Деспасито“ на Фонси. Убав свет дојде и се забавуваше на хитовите „Volare „Bamboleo“,  „Baila“ , на најромантичната предновогодишна забава.

Групата во изминатите три децении кариера имаше неколку светски турнеи и продадоа над 25 милиони албуми. Во 2014 година „Џипси Кингс“ ја добија наградата Греми и тоа за најдобар албум „Savor flamenco“.

Концертот во Скопје го организираше „Авалон“ продукција, во рамките на фестивалот „Аll You need is Love“.  (Л.С.)

Фото: Д. Тануровски