Најмалку 60 лица побарале лекарска помош поради пожарот во магацин за муниција во Украина
Најмалку 60 лица побарале медицинска помош откако вдишале чад од пожарот во магацинот за муниција во Черниговската област во Украина.
Администрацијата на областа информира дека од регионот се евакуирани околу 12.000 лица. Претходно беше соопштено дека биле евакуирани 10 илјади лица.
Нема информации за жртви.
Службата за безбедност во Украина соопшти дека меѓу верзиите за пожарот се рагледува и можноста да била извршена диверзија.
На пожарот му претходеле четири експлозии, соопшти заменик-началникот на Генералштабот на воожужените сили на Украина Родион Тимошенко. И според него најверојатно станува збор за саботажа.
Портпаролот на обвинителството Андриј Лисенко предупреди дека експлозиите од муницијата може да траат повеќе од еден ден.
Воздушниот простор во радиус од 30 километри е затворен, а запрен е и железничкиот и патниот сообраќај. Службите за вонредни ситуации соопштија дека има прекини и во снабдувањето со електрична енергија и гас.
Во областа каде што постои ризик од штети при евентуални последователни експлозии, има 30 населени места од каде беа евакуирани повеќе од 12.000 луѓе, соопшти Државната служба за вонредни состојби. Според нејзини податоци, во магацинот биле складирани околу 88.000 тони муниција.
Тимошенко, пак, рече дека податоците на Службата за количината на муницијата не се вистинити. Во исто време, тој одби да каже колку тони муниција биле складирани во магацинот, истакнувајќи дека тоа е државна тајна.