Најмалку 48 жртви во земјотресот во Индонезија

Индонезиските власти соопштија дека по силниот земјотрес и цунами на брегот кај градот Палу на островот Сулавеси пронајдени се многу тела и оти бројот на жртви се зголемил на 48.

Локалните власти информираа дека и утрово продолжиле силни афтершокови, откако градот, кој живее од туризам, го погодија бранови повисоки од три местри кои ги предизвика вчерашниот земјотрес од 7,5 степени според Рихтеровата скала.

– После цунамито долж брегот се пронајдени многу тела, но точниот број жртви се уште не е познат, рече портпаролот на индонезиската владина агенција за вонредни ситуации Сутопо Пурво Нугрохо.

Тој додаде дека „страдале најмалку 48 и повредени се повеќе од 350 луѓе“ и оти „се очекува пораст на бројот на жртвите“.

Индонезиските власти се уште немаат информации од градот Донгала, кој беше поблиску до епицентарот на земјотресот, на 27 километри од него. Во Донгала и Палу живеат повеќе од 600.000 луѓе.

Ова подрачје прво го погоди послаб земјотрес во кој загина едно лице.