Најмалку еднаш годишно ќе се проширува позитивната листа лекови


Министерството за здравство е фокусирано на повеќе реформи за унапредување на здравјето и здравствената заштита на сите пациенти низ државата, рече заменик министерот Гоце Чакаровски денеска во Кавадарци, на одбележувањето на 7 Април, Светскиот ден на здравјето.

Тој наброја неколку клучни реформски приоритети чија реализација е во тек. Намалени се, посочи, максималните цени на вкупно 336 генерички и 222 иновативни лекови. Намалувањето на максималните цени, нагласи, доведува до намалување и на големопродажните и малопродажните цени на лековите, кои важат од први овој месец.

– Најмалку еднаш годишно ќе ја прошируваме позитивната листа на лекови со нови генерации на лекови.Овозможивме ослободување од плаќање здравствена партиципација за децата од семејства-корисници на социјална парична помош при користење здравствени услуги до 18 години возраст. Активно работиме на измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита и Законот за здравствено осигурување, во насока на унапредување на пристапот на сите граѓани до поквалитетни здравствени услуги, рече Чакаровски.

Министерството за здравство набавува нова медицинска опрема за Клиничка болница Штип, за Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св.Еразмо–Охрид, како и за Општата болница Струмица.