„Најк“ подготвен да му помогне на Реал за трансфер на Нејмар

Една од најпознатите компании за спортска опрема „Најк“ му понудила помош на Реал Мадрид околу евентуалниот трансфер на напаѓачот на Пари Сен Жермен, Нејмар, но доколку „кралскиот“ клуб го раскине договорот со „Адидас“,  објави шпанскиот весник „Ас“.

„Најк“ бил подготвен да даде поголем дел од средствата, кои изнесуваат 400 милиони евра.

Реал во моментов има договор за спонзорство со „Адидас“ од кое заработува 40 милиони евра годишно и е со важност до 2020 година. Неодамна клубот одби да ја продолжи соработката со германскиот бренд што дополнително ги засили шпекулациите за астрономскиот трансфер на бразилскиот фудбалер.

„Ас“ објави дека претседателот на ПСЖ, Насер ал Келаифи, веќе допатувал во Бразил каде со Нејмар ќе разговара за неговата иднина во клубот, додека во Париз ќе се сретнат првите луѓе на Реал и таткото на Нејмар.

Инаку „Најк“ е еден од најголемите спонзори на ѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо.