Најбогатите сопружници на светот во моментов

Основачот на „Амазон“, Џеф Безос (54), и неговата сопруга Мекензи Безос (47) во моментов се најбогатиот брачен пар во светот. „Блумберг“ неговото богатство го процени на 105 милијарди долари и со тоа Џеф застана на врвот на листата светски богаташи и зад себе го остави основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс.

Кога во далечната 1994 година Џеф решил да ја основа „Амазон“ во Сиетл, не бил сам, до него како најголема поддршка била токму Мекензи. Тие се запознале во фирма која управувала со инвестициски фондови каде што Мекензи била научен соработник, а Џеф бил потпретседател. Всушност, Џеф бил тој кој одлучил да ја вработат неа. По само неколку месеци канцелариско соседство, Мекензи го поканила на ручек, а за три месеци потоа веќе биле свршеници. Тој ѝ ја раскажал идејата за основањето на „Амазон“, за што таа му дала голема поддршка. Тие ја напуштиле работата и во 1994 година и отпатувале во Сиетл да ја основаат компанијата.

– Таа е силна жена, а јас посакував токму таков животен и колегијален партнер – изјави Џеф во едно интервју за „Вог“. Таа, пак, вели дека никако не можела да одолее на неговата насмевка, па морала да го направи и првиот чекор и целосно да му се препушти.

Иако таа не е човек од бизнисот, кога Џеф ѝ ја соопштил идејата за „Амазон“, таа во неговиот глас препознала голема страст и знаела дека нема да направат грешка. Таа е вработена како сметководител во „Амазон“ и е една од првите вработени таму.

До 1999 година парот живеел во куќа под кирија во Сиетл, а денеска поседува пет куќи низ САД. Според „Бизнис инсајдер“, Џеф е петти човек во САД кој поседува најмногу имот. Иако многу брзо се збогатиле, до 2013 година Мекензи со својата „хонда“ ги возела нивните четири деца до училиште, а потоа го оставала Џеф на работа. Нивниот семеен пријател Дени Хилс за „Вог“ раскажал дека тие се толку многу нормални и толку многу богати, што е ненормално да се толку скромни.

Безос денот го започнуваат со здрав појадок, Џеф никогаш не договара утрински состаноци, туку тие часови ги користи за семејството.
Нивните деца секојдневно имаат на низа активности како и сите други деца, спортуваат, учат странски јазици, посетуваат разни активности во училиште. Мекензи сега најмногу се посветува на пишувањето романи, па кога добива инспирација се повлекува во својот мал стан и таму престојува додека не дојде време да ги земе децата од училиште. Таа вели дека Џеф е нејзиниот најверен читач и критичар.
Досега има објавено два романи „Испитување на Лутер Олбрајт“ и „Замка“, но ниту еден од нив нема можност да се купи на „Амазон“.
Џеф е тој кој е дружељубив, оној кој сака забави и често излегување, а Мекензи вели дека забавите понекогаш за неа се напорни. Она што е најинтересно е дека тој почесто оди во шопинг и купува фустани и друга гардероба за сопругата отколку самата таа.

– Понекогаш ми се јавува и ме прашува „Кој број на фустан носиш?“ и тоа навистина пријатно ме изненадува – вели таа за „Вог“. На крајот од денот Џеф е оној кој е домаќин во куќата, пере алишта, мие садови за да се одмори од напорните мигови на работа.