Најбогатиот Македонец сака да остане најбогат


Орце Камчев, бизнисменот кој реномираниот економски магазин „Форбс“ го прогласи за најбогат Македонец и кој направи бизнис империја за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, излезе во јавноста со интервју за интернет магазинот „Фактор“ со кое директно ѝ се додворува на новата власт.

Пред референдумот, тој го нарекува премиерот Зоран Заев најхрабар лидер и најавува дека тој лично е „за“ договорот со Грција и дека сака да ја види Македонија во НАТО и Европската Унија.

„Тоа се вредности во кои сите ние ќе добиеме десет пати повеќе придобивки од она што го имаме денеска. Сето тоа не го кажувам само јас, ниту само Заев, тоа ни го кажа целиот свет! Светски лидери како Меркел, Курц и Могерини кои дури дојдоа кај нас“, вели Камчев во интервјуто.
Сепак, дел од јавноста ова интервју го нарече лицемерно, со оглед на тоа дека токму Камчев беше најблискиот бизнис партнер на минатата власт. Уште повеќе што тој потврдува дека со поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, биле пријатели, но нивното пријателство завршило, сега кога веќе Мијалков ја нема моќта што ја имаше.

„Точно е дека бевме пријатели, повеќе не сме, а причините се различни во однос на тоа што се шпекулациите, но тоа останува меѓу нас двајцата“, вели Камчев.

Сепак, тој во интервјуто тврди дека директни бизнис релации со Сашо Мијалков додека бил функционер немал никогаш. „Тоа го гарантирам и стојам зад тоа што го зборувам. Ниту денеска имам такви бизнис релации. Доколку има некој акции, некои негови фирми, од неговите деца во некои акционерски друштва, јас тоа не можам да го забранам бидејќи има илјадници акционери, меѓутоа во управувачка структура, во структура која е управувачки одбор или слично тело немаме такви релации“, вели Камчев.

Во интервјуто Камчев е претставен како човек-боем, за кого многу се зборува и има многу озборувања.

Од високите функционери, интервјуто го искоментира единствено пратеникот од редовите на СДСМ, Мухамед Зекири.

„Орце Камчев и сличните на него е најдобро да молчат и да одговараат за сите злодела направени на Македонија и нејзините граѓани!!! Можете што сакате да кажувате, но од ОДГОВОРНОСТ нема да избегате!!!“ му порача Зекири на Камчев.

Камчев беше на распит во Специјалното јавно обвинителство уште пред две години, но досега за него не е отворена истрага. Од Специјалното јавно обвинителство не откриваат дали против Камчев има некоја постапка, но прецизираат дека и да има, таа е сè уште во предистражна фаза. Минатата недела на распит во СЈО беа неговите блиски пријатели, Срѓан Керим и Јана Станисављева кои ја водеа компанијата Медиа принт Македонија која беше во сопственост на Камчев. Тие се осомничени за пропаѓањето на трите весници што ги издаваше оваа компанија: „Дневник“, „Утрински“ и „Вест“, но со оваа истрага не е опфатен Камчев.

По смената на власта, Бугарија го назначи Камчев за почесен конзул во Македонија, но Владата сè уште не донесла конечна одлука, а според дипломатските правила, по толкаво чекање пораката е дека не е прифатлив за земјата во таа функција.

Неговото интервју во кое вели дека Бугарија е најубавата и најблиска земја го пренесоа и бугарските медиуми под наслов „За најбогатиот Македонец Бугарија е најубава земја“ и народ од сите овие локални наши земји. Пропаднатата медиумска компанија која е предмет на истрага на СЈО беше најголем донатор на изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2013 година со 252.843 евра.
Во интервјуто тој вели дека сè што има направено е фамилијарно од неговиот татко, неговото семејство, неговите менаџери и вработени.

„Ми значи што како фамилија во континуитет вложуваме во РМ и продолжуваме да ја развиваме нашата успешна приказна во повеќе сектори. Сигурно не е познат податокот дека на списокот на нашите компании што се поседувани од моето семејство и во кои имаме управувачко влијание, имаме 2.976 вработени – бројка што нè прави најголем македонски работодавец. Минатата година е исплатена бруто-плата од 32 милиони евра или придонеси во државниот буџет околу 12 милиони евра. Тоа се бројки што се факти, а пред фактите и боговите молчат“, вели Камчев.

Тој преку својата компанија „Орка холдинг“ е сопственик или косопственик на болницата „Систина Аџибадем“, на „Стопанска банка – Битола“, на најголемиот земјоделски комбинат ЗИК „Пелагонија“, на градежната фирма „Бетон-Штип“, хотелот „Ибис“ и десетина други фирми.

„Форбс“ констатира дека 46-годишниот Камчев е еден од најмладите на листата на најбогатите, но и еден од ретките што лани го зголемил богатството.