НАТО еуфоријата овој пат нема да ги поскапи становите
Цените на становите во центарот на Скопје нема да поевтинат, но во другите општини цената на становите ќе паѓа. Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали од Стопанската комора на Македонија смета дека во наредниот период купувачите ќе ја одредуваат цената на становите, затоа што има многу слободни станови, а намалување на издадените одобренија за градба.
„Не може да се случи 2008 година“, одговори вчера претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски, на прашањето дали очекува повторување на тогашната еуфорија
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2008 цената на станбен квадратен метар била 55.556 денари или 22,1 отсто повисока од претходната година. По разочарувањето од априлското НАТО-фијаско, следната 2009 година Статистика бележи поевтинување на квадратот на 51.644 денари или 7 отсто пониска цена.
За да заврши праксата на купување станови кои скапо чинат, а малку нудат, еснафот најави организирање обуки за тоа што е квалитетен стан. Вредноста на становите треба да се оценува прво преку квалитетот на вградениот материјал, за што треба да се побара сертификат од изведувачот. Други критериуми се бројот на паркинг-места, зелената површина околу објектот како и локацијата. Градежниците сметаат дека во Скопје е извртена сликата што е скап стан.
„Скап стан не е локациски добар стан, туку технолошко-технички изведен стан со материјали од највисок квалитет, што нуди најдобри услови за живот“, рече Серафимовски.
Лани во Македонија биле изградени 5.622 стана, што е за 9,20 отсто помалку во однос на 2016 година, кога биле изградени вкупно 6.192 стана. Најмногу се градело во скопскиот регион, а од општините најмногу во Аеродром, Карпош и Кисела Вода. Од јануари до април годинава, според одобренијата за градба, предвидена е изградба на 2.150 стана, додека за истиот период од 2017 година, беа предвидени 3.056 стана, што е намалување од речиси 30 отсто.
Градежништвото тоне
Во првиот квартал од 2018 година во однос на истиот период лани, градежништвото во бруто домашниот производ (БДП) забележа пад од 37,2 отсто. Што е позагрижувачко, и во 2017 година градежништвото забележа пад во БДП од 13,7 отсто.
Одобренијата за градење продолжиле да се намалуваат и во првите четири месеци од 2018 година (817 одобренија) што споредено со истите месеци од 2017 година (1.374 одобренија) покажува намалување од 40,54%. Во високоградбата има намалување на бројот на одобренија за 40,85 отсто, додека во нискоградбата од 32,41 отсто.
Статистичките податоци покажуваат и значително намалување на вредноста на извршените градежни работи во странство, која во 2017 година во однос на 2016 година е помала за 37,2 отсто.
Во периодот јануари – март 2018 година, вкупната вредност на договорените градежни работи во споредба со истиот период од претходната година, бележи пад од 61,1 отсто, додека вкупната вредност на извршените градежни работи бележи пад од 12,6 отсто.