Наташа Милованчев изложува во Загреб

Уметницата Наташа Милованчев овој месец во Музејот Пригорја, Галерија Курија во Загреб, Хрватска се претстави со проектот насловен „Промислувајќи го просторот’.

Станува збор за ликовна изложба што  ја чинат 25 дела/слики од повеќе циклуси работени во техника акрил и комбинирана техника на платно. која нуди пресек, односно своевидна синтеза на елементите од еден подолг творечко-истражувачки процес.

Во предговорот на каталогот Санда Станачев Бајзек, историчар на уметност, ќе напише дека Загребската изложба на Миловчев укажува на авторската константа во презентацијата на сопственото уметничко дело, кое го чини секогаш концепциска заокруженост на творечкото искуство темелено на промислување и структурирање на просторот.

– Имајќи создадено јасен личен идентитет на нереференцијални пластични системи со тенденција кон чистота и универзалност на уметничкиот јазик, сведочи за особеноста на уметничката синтакса, која ја нагласува актуелната свест за значењето на редукционистичкиот пристап, кој произлегува токму од индивидуалното, лично доживување на просторот, што не опкружува, но и на оној кој го создаваме во нас.(…), посочува Станачев Бајзек.

Наташа Милованчев е родена во Скопје во 1967 година. Дипломирала на Архитектонскиот факултет (Скопје), Универзитет “Св. Кирил и Методиј” Скопје, во 1993 година и на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет “Св. Кирил и Методиј”, Скопје, на сликарскиот отсек, во 1995 година. На истиот факултет (ФЛУ), завршила и постдипломски студии во 2003 година.

Студиски патувања во Цитé Интернатионале дес Артс во Париз, Франција, 1999 и 2005. Има учествувано на бројни групни изложби, како и меѓународни ликовни работилници и семинари во Македонија и во странство (Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Бугарија, Германија, Холандија, Шпанија, Франција). Автор на 15 самостојни изложби, меѓу кои: Скопје (1998, 2003, 2007), Крањ (2005), Париз (2005), Подгорица (2007), Софија (2009), Белград (2011), Берлин (2012).

Член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 1994 година. Добитник на две национални награди за сликарство и плакат. Работи како редовен професор на Архитектонскиот факултет при Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Ова е прво самостојно претставување на авторот и академски уметник, Наташа Милованчев во Загреб, Хрватска.