Напад врз амбасадата на Канада во Атина

Група од околу 10 лица, кусо по 6 часот утрово по локално време, со чекани и бои ја нападнаа Амбасадата на Канада во Атина, нанесувајќи материјална штета на објектот.

Како што јави МИА од Атина, искршени се прозорци и фрлени бои на фасадата на објектот.

Одговорноста за нападот, преку соопштение објавено на анархистички сајт, презеде групата Рубикон. Во соопштемиеот опширно и детално, членовите на анархистичката група ги објаснуваат причините за нападот.

– Многу рударски компании кои работат низ целиот свет се со седиште во Канада и три од нив беа вклучени во ископување злато во Халкидики. Канадските амбасади ширум светот често ги бранат канадски рударски компании до степен што ги уценуваат владите да прифатат ископувања, заканувајќи се со прекин на односите меѓу земјите, стои во соопштението, во кое се најавува дека групата дополнително ќе објават и видео од нападот.

Грчката полиција приведе едно лице под сомнеж дека учествувало во нападот, но тоа подоцна било ослободено.

За нападот, полицијата била известена од чуварот, вработен во компанија за обезбедување.

Со реакција излезе и грчкото Министерство за надворешни работи, кое го осуди нападот.

– Такви незаконски постапки нема да влијаат врз одличните односи на нашата земја со Канада, ниту врз долгогодишните врски на пријателство меѓу нашите народи. Надлежните грчки власти ги преземаат сите неопходни мерки за сторителите да бидат идентификувами, пронајдени и изведени пред лицето на правдата, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Грција.