Над 50 отсто жители на Карпош задоволни од работата на Општината

Повеќе од половина од жителите на Карпош, 55 отсто, се задоволни од проектите кои досега ги реализирале градоначалникот Стефан Богоев и општинските власти, покажале резултатите од теренската анкета на агенцијата „Рејтинг“, спроведена за потребите на Општина Карпош, на репрезентативен примерок од 1.000 граѓани, постари од 18 години.

Како најдобри, Карпошани ги оцениле проектите за обнова на детското игралиште во Козле, новиот сквер меѓу Тафталиџе и Нерези, како и новите корпи за отпад во Карпош 1 и Карпош 3.

Во анкетата, 54 отсто од граѓаните посочиле дека се задоволни од управувањето со основните училишта, 59 отсто од одржувањето на улиците и инфрастуктурата и 55 отсто се задоволни од развивање на културата и грижата за зеленилото во општината. Над 70 отсто од граѓаните се задоволни од комуникацијата на Општната преку e-mail, односно преку социјалните мрежи.

„Дополнително, со анкетата се мапираат проблемите на микро ниво, односно по населените места, што и овозможува на Општината да излезе во пресрет на потребите на секоја населба“, информираат од Карпош.