Над 100 штипски лекари бараат да им се исплатат дежурствата

Над сто лекари од штипската Клиничка болница се закануваат дека ќе тужат, а некои од нив и почнале судски постапки во Основниот суд во Штип, бидејќи околу десет години не им се исплаќани пари за дежурства согласно колективниот договор.

Раководството на Клиничка болница-Штип одржало состаноци со лекарите на сите одделенија, кои испратиле и официјален допис, со кој си ги бараат парите што им следуваат. Предмет на анализа во моментов се дежурствата во изминатите три години, а првичните проценки се дека на лекарите од штипската Клиничка болница треба да им се исплати сума од околу 123.000 евра.

Раководството на Клиничка болница-Штип потврдува дека до нив е пристигнато вакво барање од страна на лекарите, а како што велат секојдневно се и зголемува бројката.

– Празвиме анализа. Утврдуваме дали или не биле прекршени одредбите од колективниот договор, во однос на исплатата на дежурствата. Тогаш ќе знаеме за која сума се работи по што и ќе бараме конкретни решенија, велат од раководство на штипска Клиничка болница.