Над шест илјади полицајци ќе го чуваат референдумот

Безбедносните служби засега немаат индиции дека неделниот ден ќе биде нагрден со инциденти. Се очекува мирно референдумско изјаснување, а за секој случај на терен ќе бидат многубројни полициски сили. Доколку ситуацијата тргне на лошо, на готовс ќе бидат и специјалните единици на Министерството за внатрешни работи. Надлежните уверуваат оти полицијата ќе биде на висина на задачата за да овозможи демократски гласачки амбиент и слободно изразување на волјата на граѓаните.

„Според досегашните сознанија, безбедносната состојба на денот на одржувањето на референдумот ќе биде стабилна. Немаме информации што јавуваат за можна дестабилизација или нарушување на изборниот процес. Настрана политичките препукувања и обвинувања, очекуваме мирна недела“, велат извори од безбедносните служби.

Тие информираат дека на избирачките места во просек ќе има по двајца припадници на МВР, но во зависност од проценката и бројот на запишани избирачи, таа бројка може да расте или да се намали. Имајќи предвид дека евидентирани се околу 3.800 гласачки места, за референдумот се очекува да бидат ангажирани над шест илјади полицајци. Во касарните ќе чекаат и припадниците на специјалните единици. Официјални податоци од МВР околу бројот на полицајци што ќе внимаваат на безбедноста не може да се добијат на ниту едни избори, затоа што станува збор за безбедносна проценка на службите, односно на координативниот штаб во рамките на Министерството чија задача е да го организира и спроведе јавниот ред и мир.

„Полицијата е на висина на задачата, тајноста на гласот е гарантирана. Согласно законите, секаков вид притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран. Согласно законите, секој обид за попречување на остварување на правото на глас ќе биде санкциониран“, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски додавајќи дека правото на глас е неприкосновено и никој не смее да го загрози.

„Во пресрет на референдумот, атмосферата на терен во однос на нерегуларности и кривични дела е мирна, а од Обвинителството се надеваат дека така ќе остане и во недела на денот на гласање“, вели обвинителот Џелал Бајрами.

По налог на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, формирана е комисија која работи уште од почетокот на кампањата. Нивна задача е да ги следат евентуалните противправности во врска со кривичните дела против изборите и гласањето. Во комисијата партиципираат членови од сите четири виши јавни обвинителства и еден од ОЈО Скопје, со што се покрива цела територија.

„Дадени се задолженија на денот на гласањето, покрај редовните да има и дополнителни дежурства со цел навремено дејствување ако евентуално има кривични дела. Воспоставена е комуникација со сите обвинителства и со припадниците на МВР кои ќе бидат на терен“, рече Бајрами.

Електронската адреса на комисијата (referendum@jorm.gov.mk) e oтворена и се повикуваат граѓаните, партиите, невладините организации, домашните и меѓународните институции, како и сите што ценат дека има неправилности со организирањето и спроведувањето на гласањето, да ги пријават за да може обвинителството да реагира.

В недела од 19 часот односно само што ќе заврши гласањето, пред Собранието се најавува собир на граѓаните што ќе го бојкотираат гласањето, при што ќе се славело неисполнување на цензусот на референдумот. Во МВР до вчера попладне такво собирање на беше пријавено што е законска должност. Проценките се дека доколку денот помине во најдобар ред, како што и се очекува, бројката на протестирачи нема да биде голема ниту, пак, се очекуваат некакви инциденти.

Горан Адамовски