Надал по 11. пат го освои Ролан Гарос


Најдобриот светски тенисер Рафаел Надал е победник на годинашното издание на Грен слемот во Париз. Тој попладнево на терените на „Ролан Гарос“ во финалето го победи Доминик Тим со убедливи 3-0.

На Шпанецот му беа потребни два часа и 44 минути игра да стигне до 11.трофеј на престижниот турнир во француската престолнина.

Надал уште еднаш потврди дека му нема рамен на земјена подлога.

Првиот светски рекет Рафаел Надал, беше пресреќен по денешниот триумф во Ролан Гарос.

– За вакво достигнување не ни сонував. Да се победи 11 пати на Ролан Гарос е нешто што е неможно ниту да се замисли , а камоли да се постигне. Навистина овој резултат е подвиг. Не можам да опишам како се чувствувам, изјави Надал

Воедно тој ја освои 17-та Грен слем титула во неговата кариера.

Истовремено Надал е единствениот тенисер со 11 трофеи од турнири кои припаѓаат на три различни категории. Тој има 11 титули уште и на турнирите во Барселона и во Монте Карло.