Награди БАФТА: „Обликот на водата“ на Гилјермо дел Торо со 12 номинации

САД- Филмот „Обликот на водата“ на Гилјермо дел Торо води според бројот на номинации за наградите на Британската академија за филм (БАФТА)… Фантастичната драма на Гилјермо дел Торо, кој пред два дена доби Златен глобус за режија, има 12. номинации за наградата БАФТА. Следат драмата „Најмрачниот час“ на Џон Рајт и црната комедија „Три билборди пред Ебинг во Мисури“ на Мартин Мекдон со по девет номинации, додека „Блејд Рајнер 2049“ на Денис Вилјенуев и „Данкирк“ на Кристофер Нолан имаат по осум.

Сели Хокинс („Обликот на водата“) и Френсис МекДорманд („Три билборди пред Ебинг во Мисури“) се номинирани за наградата БАФТА за најдобра женска улога, а за истото признание за најдобра машка улога претендираат Даниел Деј Луис и Гери Олдман.

„Обликот на водата“ е номиниран во категориите за најдобар филм, за директор на фотографија, дизајн на костумите и визуелни ефекти, додека Дел Торо е номиниран за режија и оригинално сценарио.

Кристофер Пламер е номиниран за најдобра споредна улога за портретот на нафтениот бизнисмен Џон Пол Гети во филмот „Сите пари на светот“ на Ридли Скот.Пламер ја презел улогата откако Скот одлучил од филмот да ги исфрли сите сцени на Кевин Спејси поради обвинувањата за сексуално вознемирување.

За најдобар британски филм се номинирани филмовите „Смртта на Сталин“ (“The Death of Stalin”), „Лејди Магбет“ (“Lady Macbeth”), „Божја земја“ (“God’s Own Country”) и „Три билборди пред Ебинг во Мисури“. „Три билборди пред Ебинг во Мисури“ триумфира на доделувањето на Златни глобуси со четири награди.