Наградени компаниите со најдобри општествени практики

Се зголемува бројот на компаниите во Македонија кои применуваат општествено одговорни практики, но тоа треба да стане општо прифатен стандард. Овој концепт на фирмите им донесе и профит и им ја зголемува конкурентноста, беше порачано денеска на доделувањето на 10.„Националната награда за најдобри општествено одговорни практики во 2017 година“

– Радува фактот што се повеќе компании во Македонија се свесни дека со вложувањето во општествената одговорност инвестираат во својата конкурентност најмногу поради тоа што овие практики станаа пракса и предуслов за работа и извоз на странските пазари, особено на пазарот на ЕУ, рече во обраќањето премиерот Зоран Заев.

Според него, ако некоја компанија сака да прави профит мора да се грижи и за околината, општеството и за заедницата во која го остварува својот бизнис. Компаниите кои применуваат корпоративна и општествена одговорност, забалежа, имаат два до три проценти поголем профит од нивните конкуренти.

На годишниот конкурс за наградата беа пријавени вкупно 34 проекти, 10 на мали и средни претпријатија, а 24 на големи претпријатија. Најголемиот дел од фирмите кои аплицираат се од услужниот сектор, финансискиот и ИКТ секторот, а најбројни беа апликаците со проекти во категоријата „Вложување во заедницата“.

Годинава првпат аплицираа осум претпријатија, или 32 проценти од вкупниот број, што, според министерот за економија Крешник Бектеши, говори дека интересот на фирмите за учество во наградата од година во година се зголемува. – Ова покажува дека концептот на општествена одговорност станува составен дел на работењето на одговорните субјекти во Македонија по примерот на европските, рече Бектеши.

Како што потенцираше министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, компаниите ги прифаќаат апелите и се вклучуваат во активностите за социјална заштита, но многу е важно досегашните ад хок иницијативи да прераснат во системски решенија со придобивки во областа. – Се надевам дека практиките за општествена одговорност еден ден ќе станат станат општо прифатени стандарди, рече Царовска.

Евроамбасадорот Семуел Жбогар апелира до властите да останат посветени на реализирање на целите за општествената одговорност на претпријатријата и да развијат иновативни мерки за да го докажат овој пристап.

Со одлука на жири комисиите, со статуетка во категоријата „однос кон вработените“ на свеченоста беше наградена компанијата „Алкалоид“, во категоријата „Етичко управување“ Раде Кончар ТЕП, а за „Односи на пазарот“ Рамстор Македонија“. Статуетка за кетегоријата „однос кон животна средина“ добија „Скопски легури“, Адора инженеринг“ и Градежен институт Македонија, а во категоријата „Вложување во заедниците“, „ЕВН Македонија“, „Фармахем“ и ОКТА. Беа доделени и јубилејни принанија за најнаградувани мали и средни претпријатија.

Според препораките на жири комисијата, компаниите во иднина треба да посветат поголемо внимание на иновативниот приод при осмислување и спроведување на практиките, подетално да ги објаснат деловните и општествените придобивки на проектите како и да покажат поголема соработка со граѓански организации, институции и други претставници на непрофитниот сектор.

Националната награда за најдобри општествено одговорни практики во Македонија се доделува веќе десетта јубилејна година. Во тој период 173 домашни фирми аплицирале со 540 општествено одговорни практики, од кои се наградени 252.