Навигација за Мицковски


Ѓорѓи Спасов

Македонија имаше чест, првпат од својата независност, токму на тој ден кога пред 27 години беше прогласена независноста на државата, да ја дочека во прва официјална посета канцеларот на Германија, Ангела Меркел. Оваа најмоќна жена во светот, од земјата во која оди околу 50 отсто од вкупниот извоз на Македонија, од земја во која живеат над 100 илјади граѓани од Македонија, кои редовно испраќаат пари за своите семејства овде, од земјата која имаше клучно влијание врз демократските промени во Македонија и соборувањето на авторитарниот режим на Груевски, и од земја која, заради својата економска моќ, можеше единствено да изнуди некакви отстапки од Грција при склучувањето на договорот за добрососедство – дојде и ни порача дека поддршката на тој договор од наша страна не го загрозува македонскиот национален идентитет. Дека договорот е гаранција за отворање на патот на Македонија за членство во ЕУ и во НАТО, и ги повика граѓаните на 30 септември да не останат дома од кои било причини, туку да излезат и да се изјаснат со „за“ или „против“ на референдумското прашање: „Дали сте за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО и за прифаќање на договорот помеѓу Македонија и Грција“.
На прес-конференцијата со премиерот Зоран Заев, госпоѓата Меркел беше прашана што ќе му порача на лидерот на опозициската партија во Македонија, Христијан Мицкоски. Таа одговори дека ќе му го каже истото што му го кажала и на премиерот Заев. На 30 септември треба да се излезе и да се гласа на референдумот и Македонија да не ја пропушти оваа шанса за членство во НАТО и во ЕУ.
Мицкоски беше повикан на разговор во германската амбасада со Меркел и по разговорите, на прашањето што му кажала канцеларката, тој одговори: „Ова беше тет-а-тет средба со канцеларката Ангела Меркел. Не можам да кажам за што разговаравме. Ќе чекаме да добиеме навигација од членството за тоа кој ќе биде нашиот став во однос на референдумот“.
Партијата ЦДУ на Ангела Меркел, која речиси го донесе на власт Груевски во 2006 година, која преку својата поддршка и преку фондацијата „Конрад Аденауер“ ја обучуваше и ја подготвуваше партијата и пред секои наредни избори ѝ даваше клучна поддршка кога таа ѝ беше потребна, побара од Мицкоски јавно да го повика своето членство на гласање и оваа нивна сестринска партија во Македонија да сфати дека постигнатиот договор со Грција не е измислен ниту од СДСМ ниту од ДУИ, туку е нешто многу поголемо и позначајно од тоа кој е или кој ќе биде на власт во Македонија. Истото тоа на Мицкоски и на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ им го порача и премиерот на Австрија, Себастијан Курц, кој е и лидер на уште една нива сестринска партија.
И по сето ова, и по честитката на Доналд Трамп до Иванов во која му го честита Денот на независност и во која го поздравува постигнатиот договор со Грција, Мицкоски изјавува: „Следната недела ќе добијам навигација од членството со кое во моментов разговараме“.
Бидејќи веќе објави на митинг дека договорот е лош, а референдумското прашање нејасно и дека тој не се чувствува надлежен да го повикува народот да гласа или да не гласа, се чини дека конечната негова порака и со навигација и без навигација ќе биде „Јас не знам. Одлучете според својата волја. Дали ќе излезете или нема да излезете. А јас и самиот не знам што ќе направам тој ден“.
Оние според чија навигација засега се води Мицковски, се чини му предлагаат јавен или тивок бојкот на референдумот.
Која е математиката на оние што заговараат бојкот на референдумот?
Во Избирачкиот список за референдумот се запишани 1.806.336 граѓани на Македонија.
Но на ниту еден референдум досега или ниту на едни парламентарни или претседателски избори, колку и да биле драматични, не излегувале повеќе од 1.200.000 граѓани, или околу 66 отсто од запишаните во Избирачкиот список. Оние околу 600 илјади, кои се појавуваат на списокот од 1991 до денес, или се иселени од Македонија или се на привремена работа некаде со работна некаде без работна дозвола или од разни причини воопшто не ги интересира политиката. Оттаму, тие што никогаш досега не се појавувале на избори или на гласање, по кој било повод од важност за судбината на земјата, никој не може да ги смета за свои поддржувачи или за бојкотирачи на референдумот.
Затоа е важно колкав број од стандардните еден милион и двесте илјади гласачи ќе излезат на гласање и како ќе гласаат или колку од нив ќе останат дома, од разни причини и нема да го дадат гласот ниту „за“ ниту „против“.
ВМРО-ДПМНЕ знае дека на изборите во 2006 година, кога победи и кога Груевски формира влада, од тогаш запишаните 1.779.527 гласачи во Избирачкиот список, излегоа на гласање само 967.676 гласачи, при учество во кампањата на сите партии, или излегоа само 54 отсто од запишаните во Избирачкиот список. ВМРО-ДПМНЕ со освоените 300 илјада гласа на тие избори формираше влада и ја обликуваше судбината на Македонија во наредните 11 години.
На референдумот за независност во 1991 година, на кој гласањето никој не го контролираше, во избирачкиот список имаше запишано 1.495.907 избирачи, а излегле да гласаат 1.118.946, или 75 отсто од запишаните, а „за“ гласале 1.079.308.
На последните претседателски избори во 2014 година, на кои Иванов доби втор мандат за претседател, кои беа темпирани со парламентарните избори, од запишаните 1.779. 572 гласачи излегле 967.676 или 54 отсто од избирачите, а Иванов е избран за претседател со 534.910 гласа или со 30 отсто од запишаните во Избирачкиот список.
На последните парламентарни избори во декември 2016 година, на кои сите партии направија максимални напори да ги изнесат на гласање своите избирачи, од запишаните 1.784.416 избирачи излегле на гласање 1.191.854 гласачи или 67 отсто.
На тие избори коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, која оттогаш досега е прилично распадната, освои 454.577 гласа. Тој број поддржувачи на политиките на ВМРО-ДПМНЕ значително опадна на локалните избори кои беа одржани во април 2017 година, а по смената на лидерството и политичкиот раскол во таа партија, по распаѓањето на коалицијата, никој со сигурност не може да каже колку опаднала поддршката за нејзините ставови и политики.
Оттука, бегањето во бојкот на референдумот е бегањето на Мицкоски од реално мерење на својата поддршка во гласачкото тело.
Тој не сака со кампања да ја измери бројноста на своите реални поддржувачи и да ги повика да гласаат против договорот, и тоа го прават сите помали партии како Левица и некои мали новоосновани. Нивната цел е да го скријат поразот на својата политика на овој референдум зад бројката на оние 600 илјади граѓани што се запишани во Избирачкиот список, но никогаш не се појавиле во реалноста, и да тврдат дека постои некакво „огромно мнозинство“ од граѓаните на Македонија кое не го поддржува договорот.
Коалицијата на СДСМ, ДУИ и сите други партии не само на Албанците и на Македонците, како и сите други етнички заедници во Македонија кои сега ја формираат коалицијата „За европска Македонија, треба да докажат дека од оние еден милион и двесте илјади избирачи кои се реални гласачи во Македонија, најмалку 650 до 700 илјади гласачи ќе излезат на референдумот и ќе гласаат „за“. Тоа е мнозинство поголемо од мнозинството со кое е избран Иванов, од мнозинството на која било партија што досега формирала влада и доволно мнозинство за доказ каква е мнозинската волја на народот за тоа во која насока сака да се движи Македонија.
Навигациите што ги добива Мицкоски засега се погрешни. И тие само го тераат на бегање од дебата, бегање од водењето кампања, бегање од излегување на референдумот и бегање од реално пребројување на својата поддршка во гласачкото тело. Ако се знае однапред дека таквата политика ја има изгубено поддршката од сите партии на Албанците во Македонија, од клучните стратегиски партнери на Македонија во меѓународната заедница, од соседите и од сестринските партии на самата ВМРО-ДПМНЕ, па и од основачите на таа партија, тогаш станува јасно дека со таква политика партијата не може да очекува успех ниту на некои од наредните избори.