Муса: Нема зголемување на бројот на заболени од морбили

Нема тенденција на зголемување на бројот на заболени од морбили, а останува во сила забраната за прием на невакцинирани деца во градинките за да се спречи натамошно ширење на заразата, рече заменик-министерот за здравство Асим Муса на седницата за пратенички прашања.

-Нема тенденција на раст на бројот на заболени од морбили. Бројот на вакцинирани деца и граѓани заклучно со вчерашниот ден е 8.800, значи околу 9.000 би бил до крјаот на денов. Вкупниот број на невакцинирани беа 15.000, 12.000 беа деца од претшколска возраст, а останатите беа возрасни. Со завршување на процесот на вакцинирање,  очекуваме и намалување на новозаболените од морбили, рече Муса.

Додаде дека вакцините произведени од „Глаксосмит“ се висококвалитетни  и регистрирани во сите земји на ЕУ и во повеќе од 70 земји надвор од Унијата.

-Воопшто не станува збор за сомнеж за квалитетот на вакцините. Треба заедно да се бориме со конфузијата што настана со декларациите во кутиите со грешка во датумот на траењето, додаде Муса.