Мурињо: Со Ибрахимовиќ против Њукасл

Златан Ибрахимовиќ се враќа на фудбалските терени по пауза од осум месеци. Кам-бекот на шведскиот напаѓач го потврди и Жозе Мурињо кој го вклучи во ростерот за утрешниот дуел на Манчестер јунајтед против Њукасл во Премиерлигата. Покрај него „специјалниот“ ќе може да смета и на Пол Погба и на Маркос Рохо, но не очекува дека триото ќе може да одигра цел натпревар поради долгото отсуство поради повреди.

„Кога станува збор за Погба се е јасно. Сите можете да направите споредба на Манчестер јунајтед пред неговата повреда и по неа. Едноставно поседува квалитет што влијае на нашиот пристап во мечевите“, истакна Мурињо.

Ибрахимовиќ лани одигра 46 меча за „црвените ѓаволи“ во кои постигна 28 гола. Меѓутоа повредата на лигаментите во средбата со Андерлехт во УЕФА Европа лигата во минатата сезона по што ја напушти екипата од „Олд трафорд“ за подоцна да одлучи да ја обнови соработката.

„Секоја минута лани ја игравме со Ибрахимовиќ, а во меѓувреме научивме да играме и без него. Тој е неверојатна личност. Сега не можам да очекувам од него да одигра 90 минути или неколку мечеви во низа. Потребно е, сепак, време да се врати на препознатливото ниво“, додаде Португалецот.

Манчестер јунајтед е на второто место на табелата во Премиерлигата по 11 одиграни кола. „Црвените ѓаволи“ имаат 23 бода колку и Тотенхем на третата позиција, осум помалку од лидерот Манчестер сити.