Мукаетов за ракометарите: Ме засрамивте во Кожани

Живко Мукаетов „распали“ по ракометарите. Претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) на вчерашниот состанок на Управниот одбор (УО) упати грст критики кон националниот тим за бледите игри во квалификациите за Европското првенство во 2020 година. Особено се осврна на поразот од Грција во Кожани, но предупреди и на потребата за менување на односот во пресрет на настапите на Светското првенство во Германија и Данска од 10 до 27 јануари.
„Поразот од Грција го доживеав најтешко досега. Потешко и оној од Тунис на квалификацискиот турнир за Олимписките игри. Лично бев во Кожано и засрамен ја напуштив салата. Нема поголем срам од средбите со луѓе на улица и обвинувањата што ги искажуваат за неуспехот. Ова е ситуација во која се прашувате дали сето ова вреди кога некој од друга страна не дава поддршка, а направено е се како треба“, рече Мукаетов и продолжи:
„Вината за поразот во Кожани е на сите кои беа таму. Без исклучок. Играчите не ги делам на млади и возрасни меѓутоа неспорно е дека има лош однос и злоупотреба на монополот што го имаат поединци на одредени позиции. Односот мора да се смени. Срамот од Кожани не можеме да го избришеме, но нека биде мотив за мундијалот во Германија“.

Мојсоски: Со ваков однос ќе загубиме и од Занзибар, се е до главата

Остри критики на сметка на ракометарите и од Наумче Мојсоски, долгогодишен македонски репрезентативец и одличен познавач на приликите меѓу ракометарите.
„Добивме лекција по модерен ракомет од Турција во Битола што, сепак, не беше опомена. Ништо не се промени, па дојде пораз од Грција. Ако продолжиме вака, ќе загубиме и од Занзибар, но со залагање можеме против секого. Мора да се освестиме. Се е до главата. Сум бил во таа репрезентација 20 години. Најмладите мора да го променат односот и да гинат во националниот дрес“, истакна Наумче Мојсоски.

Нацева: Одговорност мора да има

И Гордана Нацева, член на УО на РФМ, не штедеше зборови на сметка на ракометарите за партиите во Битола и во Кожани. Поранешната голманката на Кометал Ѓ.П. и репрезентативка на Македонија побара и одговорност од сите што учествуваа во приредување на најголемиот спортски срам во Грција.
„Грција не нè победи во фудбал или во кошарка. Нè победи во ракомет што е наш најдобар спорт и нивни најлош. Сè уште ми е нејасно како го дозволивме тоа. Грците ни покажаа како треба да играме. Одговорност мора да има, мора да понесе некој. За еден час да не се најде протигигра за Грција е незамисливо. Тој пораз е еден од најголемите за мене лично“, истакна Гордана Нацева.