Музичко-поетски концерт на Розалба Колозимо, Ема Попивода и Наташа Сарџоска

Реномираната оперска пејачка-сопран од Италија Розалба Колозимо во придружба на пијанистката Ема Попивода ќе настапи во рамките на фестивалот за современа музика „Модоарс“.

Фестивалот ќе се одржи на 21 јуни во 20 часот во Даут пашин амам.

Колозимо ќе настапи со оперски арии од Пучини, Белини, Тости, Пулен и Бернштајн, а предвидена е и изведба на наполетанска традиционална музика. На концертот свој слем поетски рецитал ќе има и поетесата Наташа Сарџоска придружена со пијано.

Сопранот Колозимо учела оперско пеење со врвни имиња како Еторе Кампољани, Лејла Генсера, Рената Скот, Алфредо Скот и со Монсерат Кабаје, чијшто асистент станува во Мадрид во 1988. Настапувала во познатите театри Скала во Милано, Шатле во Париз, Сан Карло во Наполи, Арена во Верона, Фениче во Венеција, Операта во Рим, Операта во Хамбруг, Комунале во Фиренца, заедно со врвни оперски уметници како Пласидо Доминго, Мирела Френи и Лео Нучи, а под диригентската палка на Мути, Орен, Куртис и Манино. Во 1991 година во театарот Фениче ја добива престижната награда Калас.

Ема Попивода е пијанистка со богата интернационална кариера и вистински амбасадор на македонската култура во светот. Ги завршува докторските студии по пијано со највисок успех и активно концертира на светските музички сцени. Од нејзините настапи се издвојуваат солистичките концерти во Токио, Њујорк, Лондон, Рим, Брисел, Гдањск, Будимпешта, Белград, Софија, Скопје. Попивода работи како професор по пијано на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и повеќе години успешно раководи со Фестивалот Модоарс.

Наташа Сарџоска е писателка и поетеса со богата меѓународна кариера. Своите поетски настапи го соединува со музика, џез импровизација, акапела пеење, но и цртање по тело и интерактивни перформанси со публиката. Преведена е на повеќе јазици а настапувала на книжевните фестивали во Берлин, Џенова, Братислава, Риека и Струга, како и во Македонскиот културен центар во Софија во мај 2018.

Фестивалот за современа музика „Модоарс“ се оджува по 11-ти пат во Македонија. Во ова издание на Фестивалот се одржа концертниот спектакл „Акустик Електроникс“ – концерт со преработки на електронски теми за пијано и тапан. Покрај концертот на сопранот Розалба Колозимо од Италија, концерт ќе одржи наскоро и Фринфрид Хакл – флејта (Австрија).

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија и Еуролинк Осигурување.