Музеј кој ќе ве врати во детството: Најстарата играчка е од 1600 година

Лондон е препознатлив по многубројните музеи и ексклузивните поставки што ги поседува. Интересно е што за сите државни музеи кои се во градот влезот е бесплатен. Покрај историските и природонаучните музеи, еден особено ни го привлече вниманието. Тоа е „Викторија и Алберт – музеј на детство“. Се наоѓа на источниот дел од градот на главната улица веднаш до метро-станицата „Бантал грин“.

Овој музеј е вистинско царство за детската фантазија. Се протега на две нивоа и изложените експонати се хронолошки распоредени. Тука можеби нема многу скапи работи, но се бесценето богатство што крие детски соништа. Почнувајќи од дрвени играчки без особена форма, кои датираат 1600 година, па сè до таблети, Барбики, електрични возови и слично.

Тука се изложени и првите куклени играчки, преку кои настанал и куклениот театар. Ја има дрвената макетата на Кинг Конг и облакодерите. Оваа играчка е подарок на музејот од семејство во САД и се верува дека е единствена во светот. Ги има и првите кукли што биле програмирани да извикуваат „Мама“.

Како и хартиените движечки играчки од Чарли Чаплин. Разновидни дрвени рептили, змејови, како и првиот тротинет изработен од дрво.
На второто нивно од музејот изградена е цела пиратска бајка. Дечињата посетители на музејот може да пловат со дрвен брод, да бараат злато, но и да си изберат дали ќе бидат пирати или спасувачи на златото од злобните крадци.

Неколку часа поминати во овој музеј се целосно враќање во минатото. Ќе ги најдете сите играчки што сте ги имале, но и оние што сте ги посакувале, а никогаш не сте биле во можност да ги поседувате. И.Н.