Муамед Сејдини пред промоција во петти претседател на ФФМ

Муамед Сејдини е пред промоција како нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Кандидатот од општинскиот фудбалски сојуз (ОФС) на Кичево е единствена опција за наследник на Илчо Ѓорѓиоски кој се повлече од функцијата во минатото лето. Дотогаш беше негов потпретседател, а во меѓувреме и в.д. претседател. Редовното Генерално Собрание на ФФМ што воедно е изборно е закажано за недела во 10 часот во хотелот „Горица“ во Охрид.

Велиме промоција, а не избор, од причина што Сејдини нема ривал во трката и велиме „треба“ бидејќи Агенцијата за млади и спорт (АМС) во неколку наврати нагласуваше потреба од усогласување на Статутот на ФФМ со Законот за спорт. Во спротивно предупреди дека би можела да ја стави под мраз лиценцата за вршење дејност спорт на Куќата на фудбалот.

Од друга страна, пак, ФФМ се пофали дека на седницата на највисокото тело се поканети и потврдени претставници на домашни и меѓународни организации меѓу кои и од АМС. Па, останува да се види дали ќе има нивна реакција пред делегатите и раководните структури од говорницата на брегот на Охридското езеро. Истовремено, пак, од ФФМ демантираат разминување на Статутот со Законот за спорт и порачуваат дека Статутот на ФФМ е целосно усогласен со Статутите на УЕФА и на ФИФА.

Зад ФФМ е еден неуспешен обид за избор на претседател. Се случи лани кога на објавениот конкурс за прибирање на апликации се јавија четворица кандидати и тоа Влатко Костов (ОФС Тетово), Сашко Тасев (ОФС Кавадарци), Харалампие Хаџи-Ристески (ОФС Неготино) и Вујадин Станојковиќ (ОФС Куманово). По нивно разгледување од соодветната комисија при ФФМ, „зелено светло“ доби само Тасев кој подоцна самиот се повлече од намерата по реакциите и укажувања за евентуална нелегитимност доколку се одржи Собранието што беше закажано на 1 септември.

Во медиумите и низ кулоарите во изминатиот период можеше да се слушне се и сешто за претстојното Собрание. Од наводно наговарање на Ѓорѓиоски за повлекување на кандидатурата на Сејдини преку можноста за, наводно, ново одложување на изборот на претседател и на крајот на краиштата, наводно, за евентуално вмешување на УЕФА и ФИФА во целиот случај под образложение за мешање на политиката во спортот што во такви ситуации носи и предупредувања за суспензија.

Во случај ваквите наводи да останат во домен на шпекулации и Собранието мине мазно, тогаш Фудбалската федерација на Македонија ќе го добие петтиот претседател по Љубисав Иванов-Ѕинго, Ламбе Арнаудов, Харалампие Хаџи-Ристески и Илчо Ѓорѓиоски.