Муамед Сејдини избран за претседател на ФФМ

Досегашниот в.д. претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, е избран за претседател на најголемата спортска федерација во државава.

Сејдини беше единствен кандидат за нов претседател на ФФМ и тој ја доби поддршката од делегатите на собраниската седница која се одрша во Охрид, со што стана петтиот претседател на ФФМ и таа функција ќе ја извршува до 2021 година, откако претходно две години ја извршуваше функцијата в.д. претседател по оставката на Илчо Ѓорѓиоски во 2017 година.

Од присутните 90 делегати, 82 гласаа во корист на Сејдини, додека еден беше воздржан во гласањето.

„Им се заблагодарувам на сите за довербата која ми ја дадоа. Навистина е голема чест да се биде на чело на оваа организација и се заблагодарувам за досегашната соработка и истовремено се радувам на новите предизвици. Во името на ФФМ се заблагодарувам на соработката и сакам да укажам на новите предизвици кои треба да ги исполниме. Од сите нас се очекува да го подобриме начинот на кој функционира федерацијата и фудбалот во нашата држава. ФФМ е отворена за нови идеи, за сите оние кои му посакуваат добро на фудбалот во Македонија. Во професионалната активност ќе работиме на јакнење на меѓусебното почитување. Да ја зголемиме хуманоста и масовноста во фудбалот и да создаваме услови за нашето фудбалско живеење. Со нова инфраструктура мак-фудбалот ќе има подобри денови. Се ова ќе го работиме со многу труд а за тоа се потребни луѓе кои се подготвени на предизвици. Бидете сигурни дека со сите капацитети ќе ги исполниме сите планови на ФФМ. Им благодарам на ФИФА и УЕФА кои се дел од нашето работење и ќе бидеме горди на новите проекти во иднина. ФФМ ќе даде поддршка на сите национални селекции. Ве повикувам сите чесно и одговорно да продолжиме за развој на фудбалот во нашата држава“, изјави Сејдини