МРТ ги објави новите субвенционирани песни: 9.000 евра за Дарио и за Принц

Македонската радиотелевизија го објави списокот со примени и одбиени композиции од последниот конкурс за музички субвенции. Комплетниот список го има на официјалниот сајт на МРТ. Во составот на жирито предводено од Константин Карев, за eстрадното спонзорство одлучуваа Бекир Алиу, Панче Илиев, Благоја Здравковски и Деан Ќурчиев, пишува Женски магазин.

На фолк-интерпретаторот Али Бајрам и на поп-изведувачите Авни Аљији и Дарио Панковски државата ќе треба да им исплати по 9.000 евра за две песни кои ќе ги промовираат во наредниот период. Сите тројца се рангирани во категоријата „ѕвезди“ каде финансиската поддршка е најголема и изнесува 4.500 евра за еден рефрен (3.000 евра за звучно снимање на песната и 1.500 евра за спот).

Како „врвен изведувач“ овојпат доминира Александар Ристовски-Принц кој за три нови нумери ќе добие 9.000 евра. Поп-пејачот Ѓорѓи Крстевски е рангиран како изведувач на народна музика. По 3.000 евра треба да добијат Ристо Самарџиев, Кристијан Габроски и Бајрамаљи Идризи.

По неколку реализирани конкурси, финансиската поддршка на домашната музичка продукција наиде на жестока критика кај публиката, но и кај повеќето автори, пејачи и продуценти кои најмногу реагираа на начинот на кој се одбира комисијата која одлучува за субвенционираните песни.

Пред неполни два месеца од Министерството за култура најавија дека ќе се укинува Законот за поддршка на домашната музичка продукција, донесен на крајот од 2013 година во мандатот на министерката Елизабета Канческа- Милевска. Доега од Буџетот се потрошени два милиони евра за создавање македонска музика.

МРТ/Женски магазин