Молк од средбата во Виена

Преговорите за името во Виена траеја околу три часа , а изјавата што медијаторот Метју Нимиц ја даде потоа соопштувајќи го исходот – траеше само триесетина секунди. Дали немаше што да се каже или договореното требаше да остане зад затворена врата, вообичаено станува јасно ден по средбите. Во секој случај од средбата во Виена вчера немаше вест.Медијаторот Метју Нимиц по средбата со шефовите на дипломатите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, истакна дека имале интензивна дискусија во која двете страни покажале меѓусебна почит.

– Двете страни се посветени на постигнување решение и процесот ќе продолжи во следните недели, изјави Нимиц.Министрите Димитров и Коѕијас не дадоа изјави за медиумите, но како што се дознава по официјалните преговори тие имале договорена работна вечера.

Средбата во Виена пред да почне од страна на грчките медиуми беше окарактеризирана како клучна и решавачка, со оценка дека разликите остануваат и натаму и дека најспорно е прашањето за опсегот на името.Премиерот Зоран Заев пред средбата очекуваше исчекор напред, додека портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос порача дека Атина во преговорите направила отстапки и сега е време и Скопје да ги направи неопходните чекори за постигнување договор.Посочи дека Грција има два јасни услова: прво сложено име и второ важење на името ерга омнес, нешто за што предуслов е модификација на уставното име на соседот.

Двајцата шефови на дипломатиите, веќе следната седмица, на 3 и 4 мај, ќе имаат нова средба во Солун во рамките на состанокот на министрите од Македонија, Албанија, Бугарија и домаќинот Грција, а потоа и во Сунио, за време на Конференцијата за Европа на 11 и 12 мај.
Вчерашната рунда преговори се одржа две недели по разговорите во Охрид од 12-ти април, кога Коѕијас и Димитров најавија дека преговорите напредуваат, но остануваат клучните прашања. Во меѓувреме, Коѕијас во интервју за грчко радио изрази песимизам за постигнување решение до почетокот на летото.

„Очигледно е дека Македонија во јуни нема да стане членка на НАТО“, изјави грчкиот министер за надворешни работи. Сега се разговара за најтешкото прашање – опсегот на употреба, односно за временската рамка за спроведување на евентуалниот договор.
По разговорите во Виена Коѕијас ќе има средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во седиштето на Алијансата во Брисел.Како што јавуваат грчките медиуми, Столтенберг и Коѕијас ќе разговараат за прашањето за името и други теми.