МОК потпиша договор со 12 спортисти за Олимписка стипендија Токио 2020
Македонскиот олимписки комитет (МОК) денеска потпиша договор со дванаесетмина македонски спортисти, за добивање на Олимписка стипендија Токио 2020.
Претседателот на МОК, проф. д-р. Васил Тупурковски, денеска од името на МОК ги потпиша договорите за стипендирање со дванаесетмина македонски спортисти од кои се очекува да обезбедат олимписка норма, а со тоа и учество на Летните олимписки игри во Токио 2020 година.
Како што истакна Тупурковски, МОК со сиот свој капацитет, а во рамките на можностите, на овој начин им дава поддршка за потенцијалните македонски олимпијци да го остварат својот сон, но и да ја зголемат делегацијата на учесници на Олимпијадата во Токио.
– Свесни сме дека ова сигурно нема да е доволно, но сите средства кои ги добиваме од програмата на Олимписка солидарност ги враќаме во спортот. Се надевам дека конечно и државата ќе застане зад спортистите и дека ќе сфати, колкаво е значењето на спортот и спортските резултати, во афирмација на самата земја. Учесници сме во Олимпиското движење, а вие сте наши претставници. Дај Боже да остварите норми и да го зголемите бројот на нашата екипа, во Токио и гордо да го носите нашето знаме, истакна Тупурковски на денешната свеченост при потпишувањето на договорите.
Новите стипендисти ќе бидат помагани од МОК во наредните три години, а не како што тоа беше случај досега во две години.
Договори за стипендирање потпишаа:
1. Дејан Георгиевски – Таеквондо (800 САД долари)
2. Берат Јакупи – Карате (800 САД долари)
3. Емил Павлов – Карате (800 САД долари)
4. Лина Ѓорчевска – Тенис (625 САД долари)
5. Дарио Ивановски – Атлетика (625 САД долари)
6. Арбреша Реџепи – Џудо (625 САД долари)
7. Нина Балабан – Спортско стрелаштво (625 САД долари)
8. Наташа Стефановска – Карате (625 САД долари)
9. Пулексенија Јованска – Карате (625 САД долари)
10. Евгениј Поп Ацев – Пливање (625 САД долари)
11. Елмедин Сејфулау – Борење (625 САД долари)
12. Магомедгаџи Нуров – Борење (625 САД долари)
Од МОК, истакнуваат дека, спортскиот резултат на спортистите, а не Олимписката стипендија, ќе биде единствен фактор според кој може да се избори учество на Олимписките игри Токио 2020. Олимписката стипендија не значи можност за добивање на „предност„ на Олимписките стипендисти во однос на другите спортисти, можност која сама по себе не значи предност на еден спортист во однос на друг, туку служи исклучиво како дополнување на финансиските обврски за реализација на плановите и програмите на спортистите кои се предложени од страна на соодветните Национални спортски федерации.
Списокот, додаваат, е предмет на промени и не е конечен. Македонскиот олимписки комитет, секогаш ќе ги поддржува плановите и програмите на спортистите Олимписки кандидати од соодветните Национални федерации кои ќе достават до МОК квалитетни и соодветни информации, стратешки развојни планови и програми, но и во соработка, консултација, комуникација и координација соодветните јавни и приватни организации и институции кои активно учествуваат во финансирањето и давањето на соодветна поддршка на истите тие планови и програми.