Можен вооружен судир меѓу Хрватска и Словенија поради Пиранскиот Залив

Можно е набрзо да се случи вооружен судир меѓу Хрватска и Словенија поради Пиранскиот Залив, објави германскиот весник „Ханделсблат“.

Весникот предупредува дека не е исклучена и употреба на воена сила.

Како што се оценува, сите сигнали укажуваат дека следува „бурен период“ во хрватско-словенечките односи поради Заливот и дека не е исклучен ниту вооружен судир.

Словенија планира да почне реализација на пресудата од Арбитражниот суд, според која на таа држава ѝ припаѓаат две третини од Пиранскиопт Залив.

– Тогаш словенечката полиција ќе ја преземе контролата врз нашето море, најави словенечкиот претседател Миро Церар.

Но, Хрватска ќе се спротивстави имајќи предвид дека арбитражата ја смета за ништовна.

„Ханделсблат“ наведува дека ЕУ потрошила многу енергија за да ги натера Загреб и Љубљана на арбитражен процес, а тогаш Словенија наводно ги прекршила процесните правила поради што Хрватска во 2015 година отстапува од арбитражата.

Сепак, арбитражата продолжува и во конечната одлука Словенија подобро помина „на море“, а Хрватска – кога станува збор за копнената граница.

За време на католичките божиќни празници, голем број туристи се пожалиле на километарски колони на словенечко-хрватската граница.

Загреб смета дека станува збор за подметнувања од страна на Словенија со што би му наштетиле на туризмот, наведува германскиот весник.

Како еден од примерите за решавање на тој судир, весникот го наведува договорот меѓу Германија и Холандија за заедничко управување со заливот Доларт, но истакнува дека Словенија инсистира на спроведување на арбитражната пресуда и најавува меѓународна тужба против Хрватска доколку таа го блокира процесот.