Можат ли да се договорат Македонците со Македонците
Ерол Ризаов
Македонија веднаш треба да ги почне најзначајните преговори за сигурен влез во ЕУ и во НАТО. Треба да преговараат прво Македонците со Македонците, па потоа многу полесно со Брисел. Како одговорни политичари треба да се состанат лидерите на двете најголеми политички партии и конечно да се договорат заеднички да ја преземат одговорноста во кој правец ќе оди земјата и да ја одредат иднината на граѓаните таму каде што им ветуваат 27 години. Ако тие определби биле искрени, не би требало да има тешкотии во одредување на крајната цел. И двете големи политички партии во сите своите програмски документи, како и сите други релевантни партии во земјата, јасно ја имаат зацртано европската иднина на државата со редовно членство во НАТО и во ЕУ.
Двете политички партии на тој пат имаат успеси и падови, имаат изгласано илјадници закони и декларации во Собранието и двете учествуваат во работата и во телата на ЕУ и на НАТО, и двете имаат придонес во процесите кои земјата ја доведоа до кандидатура во двата евроатлантски сојузи. И двете партии имаат големи грешки што оваа работа не ја завршија одамна и дозволија времето да ја прегази Македонија и да го казни мнозинството граѓани да живеат во сиромаштија и под стегите на режим во корумпирано општество каде што се уништуваат вредностите, а се слават арамиите. Значи, се работи за договор меѓу политичките претставници на мнозинскиот народ под кои услови може да се остварат стратегиските приоритети на државата кои се на повидок.
Дали овие преговори меѓу себе, Македонци со Македонци, ќе бидат потешки од оние со Македонците од Грција. Одговорот е да, со голема изгледност воопшто да не се одржат, а ако се одржат, да завршат со тотален неуспех. Всушност, тоа е причината и во 21 век да бидеме современици веројатно на последниот обид да се предизвика уште една трагедија на македонскиот народ која нѐ следи со векови. На сите ни е повеќе од јасно дека ако преговараат „патриоти“ и „предавници“, каква што е сега поделбата, тогаш тешко ќе стасаме до Табановце, а не до Брисел. Не за два месеца, колку што има до референдумот, не за 11 месеци, кога треба да станеме членка на НАТО, не за 11 месеци, кога треба да почнат преговорите со ЕУ, не за седум години, колку што нѐ делат од членството во ЕУ, туку и наредните сто години ќе нема договор меѓу политичари кои повеќе се инцидент на историјата отколку подготвени да прават историја. Попрво е можно граѓаните на Македонија да влезат во ЕУ и во НАТО, како жители на поранешна југословенска Република Македонија, кои живеат во истите градови и населени места, во истите улици и куќи, но во составен дел на други соседни држави. Додека нашите политичари и големи интелектуалци кажуваат колку е катастрофален договорот со Грција и поттикнуваат на делби и конфликти, може во тие години на нестабилност, на големите сили да им текне дека јаболкото на раздорот може да стане јаболко на мирот ако се подели меѓу комшиите и се изеде. Тие тоа го нарекуваат решение на проблемот. Ако згрешат велат колатерална штета.
Нашите мудри и учени академици, универзитетски професори, експерти за меѓународно право и за уставни промени ерга омнес загрижено до солзи на очите ни проповедаат дека е готово со Македонија. Катастрофа, катаклизма, ужас, ќе ви биде пред очите ако ги слушате, прашање е само на денот, според нивните пророштва, кога ќе се разбудиме без да знаеме кои сме и како се викаме. Влегуваме во фаза на колективна деменција на македонскиот народ. Ни го бришат мозокот, нацијата, јазикот, историјата, името… како со гумичка. Го губиме дефинитивно и засекогаш идентитетот. Ај што ние ќе се изгубиме и нема веќе да знаеме кој сме, нема да знае ни целиот свет. Едноставно Македонците исчезнуваат од планетата Земја.
Забележете една клучна работа во овие високоумни дебати и катастрофични прогнози. Овие мудросерковци никогаш не нудат решение. Никакво. Ни полошо ни подобро. Ни прикажуваат на немушт филозофски високопарен јазик работи кои сите ги знаеме. Ако ги преведеме тие трактати и надривештачења на договорот со Грција на разбирлив македонски јазик, тогаш ќе го дознаеме тоа што го знаеме пред тие да отворат уста за овој повеќедецениски спор. Ни кажуваат дека ни е направена неправда. Да, ништо ново, тоа го знаеме одамна. Ни кажуваат дека покрај правдата и правото е на наша страна. Да, и тоа го знаеме одамна. Има пресуда од Хаг. Ни кажуваат дека има одредби во договорот кои не се добри и се наметнати. Да, и тоа го дознавме. И толку. Ништо повеќе. Чаре нема. Со такви детали овие гении не се занимаваат.
Е, кога видоа дека ова е малку за нивната мисија да ја спречат иднината на државата, почнаа да лажат без усул и без срам и перде. Велат дека Македонија е избришана. Продон псеудос, голема лага, татко на лагите, од која произлегуваат сите други лаги. Вистината е дека Македонија останува како што била сите овие 74 години. Прво беше федерална, па народна, па социјалистичка, па поранешна југословенска, па еве сега северна… Но секогаш е Македонија.
Нѐ застрашуваат со измислици дека државата ќе ни се вика „северно од Македонија“ и дека ќе се викаме Северномакедонци. И тоа е голема лага за вознемирување на граѓаните. Потоа се редат лагите за националниот идентитет, за јазикот, за промените на уставот, за точки и запирки во договорот за кои, демек, како недоветни не сме свесни колку тешко ќе се одразат врз нашиот иден живот од денот кога ќе стапат во сила. Се разбира, сето тоа се измислици, бидејќи јасно стои во договорот и членот за македонско државјанство и националната припадност како Македонец, како и македонскиот јазик.
Да, очекувавме и требаше да добиеме многу подобра одлука во Брисел за почнување на преговорите со ЕУ. Наместо 19 јуни следната година, ќе беше идеално тоа да биде веднаш, денес, најдоцна утре, што се вели. Така ќе бевме пораат сите, ќе паднеа тензиите и делбите во државата, референдумот ќе беше дочекан со помалку неизвесност, а немаше да се потрошат многу европски и наши пари за кампањи со објаснувања зошто е добро да се биде членка на НАТО и на ЕУ. Сега уште 11 месеци ќе се сее и жнее омраза, лаги, квазипатриотизам, шпекулации и валкани игри и подметнувања. Продолжуваат делбите на македонското општество поради потребите на големите да решаваат некои свои проблеми на сметка на Балканот. Не е првпат тоа да се случува низ историјата на балканските народи. А, можеа многу лесно да ги пролонгираат преговорите колку сакаат ако Македонија не го исполни тоа што треба. Но шансата останува и таа треба да се искористи и да се заврши нашиот дел од работата. Секогаш за една минута можеме да се вратиме кај што бевме, дури и поназад.
Што може и треба да се прави во ваква ситуација кога има историска шанса да се одлепиме од балканштината и да тргнеме напред кај што припаѓаме и географски и политички и културно. Факт е дека ова е највисокото ниво досега на изгледност да станеме членка на НАТО и на ЕУ. Тие што ја гледаат иднината на Македонија во Европа треба да ги засукаат ракавите и да одработат машки секој граѓанин да дознае дека нашата иднина е во евроатлантските интеграции и во европеизацијата на Македонија. Поразот на референдум на сите што влечат назад ќе биде најдобар одговор.