Модриќ, Роналдо или Салах: Кој е најдобар во Европа

Европската фудбалска федерација (УЕФА) ги објави финалистите за најдобар играч. Во прелиминарната фаза, најмногу гласови добија Лука Модриќ (Реал Мадрид, Хрватска), Кристиано Роналдо (Реал Мадрид, Јувентус, Португалија) и Мохамед Салах (Ливерпул, Египет). По нив се пласираа Антонио Гризман, Лионел Меси, Килијан Мбапе, Рафаел Варане, Еден Хазард и Серхио Рамос. Сите тие влегоа во финалниот избор со одлука на 80 тренери на екипи што минатата сезона играле во групите од Лигата на шампионите или Европската лига, како и 55 новинари од земји членки на УЕФА.

Најдобриот фудбалер во Европа ќе биде познат наскоро при извлекувањето на групите од Лигата на шампионите на 30 август во Монако, кога ќе бидат наградени и најдобрата фудбалерка, како и најдобриот голман, одбранбен фудбалер, играч од средниот ред и напаѓач.

Информациите од фудбалските кругови се дека најголем фаворит е Модриќ, кој имаше сезона од сништата: ја освои Лигата на шампионите, а со Хрватска играше во финалето на Светското првенство во Русија. Таму беше прогласен за најдобар играч на мундијалот. Лани беше прогласен за најдобар фудбалер од средниот ред во Лигата на шампионите, двапати беше член на најдобриот тим на УЕФА, а четири пати член на најдобриот тим од Лигата на шампионите. И Роналдо ја освои Лигата на шампионите со Реал, по што замина во Јувентус, но со Португалија беше елиминиран уште во осминафиналето на Светскиот куп. Салах имаше феноменален учинок со Ливерпул, но не освои ниту еден трофеј, а со Египет не ја мина ниту групната фаза во Русија.

Од 2010 година досега, за најдобар фудбалер на УЕФА беа прогласувани Роналдо (2014, 2016 и 2017 година), Меси (2011 и 2015), Андрес Иниеста (2012) и Франк Рибери (2013).