Модна ноќ на невести во „Мериот“ во Скопје

По шести пат,  на 6 февруари,  во хотелот „Мериот“, идните невести ќе го одбираат совршениот фустан  на ревии од затворен тип на „Модна ноќ на невести“ во 19 часот, во организација на Моден викенд Скопје.

Вечерта, која е комплетно посветена на свадбениот ден, ќе ја отвори ревијата на Мила Кадриу. По неа, следува презентација на креациите од модната куќа „Менакон“ од Косово чии колекции веќе редовно се презентираат пред домашната публика во Скопје, а потоа ќе бидат прикажани моделите од ателјето  „Ал Апарел“ на Наташа Карчева под името на најновата колекција „Бескрајна љубов“ (Endless love). Брендот за уникатен италијански накит „Сигма џулери“, преку несекојдневен моден перформанс ќе ги претстави новите трендови за претстојната сезона. Првпат македонската публика ќе ги види моделите на ателјето „Зана“ од Косово со колекција за пролет-лето 2018 година.

Јагода Пачемска од арт-студиото за цвеќе „Фа-Бу“, која изработува несекојдневни фустани од свежо цвеќе, на годинешната Модна ноќ ќе претстави нова уникатна креација. Вечерта ќе ја затвори „Елизабет дизајн студио“.

„Македонските невести имаат се пософистициран вкус кога е во прашање венчалниот фустан, сѐ посмели се во својот избор и ги следат светските трендови. Во ерата на социјалните медиуми и брзото живеење одлуката за вистинскиот модел знае да биде тежок избор и затоа со модните ревии сакаме да им го олесниме. Освен фустанот, на настанот можат да ги најдат сите други неопходни нешта за организација на тој важен ден“, велат организаторите.

Манекенките ќе ги  разубавува официјалниот партнер за фризура „Ревлон“. За шминката ќе се погрижи официјалниот партнер за убавина, во соработка со мејкап артистот Даниел Артевски.

Во склоп на настанот во хотелот „Мериот“ ќе организира коктел во 18 часот каде што сите идни невести и двојки ќе можат да дознаат сѐ за организација на нивната свадба во хотелот. На коктелот покрај сите потребни информации, идните невести ќе имаат можност да добијат ваучери со попуст за свадба во „Мериот“, како многу други подароци за кои ќе биде организирана лотарија.