Могерини: Што и да договороат Србија и Косово, ќе ја имаат поддршката на ЕУ

Високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, изјави дека Европската унија ќе го поддржи секој договор помеѓу Белград и Приштина, кој е во согласност со меѓународното право и европските правни норми.

Могерини во Виена изјави дека Европската комисија сака да ги заврши преговорите меѓу Белград и Приштина во наредните месеци, пред крајот на мандатот на Комисијата, но дека решението мора да биде во согласност со европските вредности кои се против етнички чисти земји.

“Секој договор кој взаемно ќе се договори ќе ја има нашата поддршка, ако, како што сега се дискутира, е во согласност со меѓународното право и европските правни норми”, рече Могерини по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, на кој присуствуваа претставници на земјите кандидати за членство.

Таа истакна дека европската историја се базира на надминување и спречување на каква било идеи за етнички чисти национални држави.

“Се надевам дека ова ќе ги разубеди сите оние кои се нервозни во врска со идеите што циркулираат. Работиме сериозно на нешто што е тешко, предизвикувачко, а не и  невозможно, и кое сè уште не е тука”, рече Могерини.

На прашањето на новинарите по неформалниот состанок на шефовите на дипломатијата на ЕУ за ставот кон промена на границите и размената на територии, Могерини рече дека нема да ги коментира специфичните елементи на дијалогот.

Таа кажа дека е важно да се заштитат оние што работат на договорот. “Затоа нема да ги коментирам позициите изнесени зад затворени врати”, додавајќи дека нема да ги изнесе ниту мислењата од неформален состанок.

Могерини рече дека има тешкотии во дијалогот и дека никогаш тоа не се криело, но дека видела да министрите ја ценат “посветеноста и решеноста за можноста конечно да се реши еден од најкомплицираните и најболните и полн со последици за самиот регион, тензии во Европа “.