Мијалков чека одлука дали ќе излезе од Шутка

Поранешниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков, кој пред неколку години беше еден од најмоќните луѓе во земјава, вчера по завршувањето на јавната седница во Апелацискиот суд, со комбе од затворската полиција беше вратен во притвор во затворот во Шутка. Таму ќе ја чека одлуката на апелациските судии кои деновиве треба да пресечат дали ќе ја прифатат неговата жалба и барањето да се брани од слобода до правосилноста на одлуката за случајот „Титаник 2“, односно за изборните нерегуларности во Струмица.

Неговите тројца адвокати и самиот Мијалков и обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи, ги соочија правните аргументи. Мијалков ветува дека нема да бега и бара да биде пуштен од притвор, а обвинителката Фетаи бара тој да остане.

„Истите овие околности важеа и пред околу две години кога беше одбиено барањето против мене за притвор. Мојот имот дома и во странство е овој истиов денеска. И тогаш се водеа истите постапки кои се водат и денеска, предвидените казни се тие. Контакти со поранешни странски колеги имав и тогаш, и тогаш и сега имав дозвола за престој во Чешка. Дадов збор пред овој суд дека нема да бегам и стојам на тој збор. Јас верувам во овој суд, во вас судиите и во вашата стручност“, рече Мијалков.

Тој веќе три недели е во притвор во затворот во Шутка, откако на пресудата за случајот „Титаник 2“ со која беше осуден на три години затвор, обвинителството побара, а судот му одреди притвор поради опасност во бегство. До пресудата за случајот „Титаник 2“, Мијалков беше во куќен притвор кој му беше определен за случајот „Империја“, за кој сè уште нема обвинение.

Неговите адвокати го спореа тоа што судот му одредил притвор за, како што велат, бенигно кривично дело, примање награда за противзаконито влијание, за кое против него е поднесен обвинителен предлог. Барањето на СЈО за притвор бидејќи Мијалков може да избега, за адвокатите не било поткрепено со ниту еден доказ, туку само со претпоставки дека Врховниот суд ќе му го укине куќниот притвор. За одбраната Специјалното јавно обвинителство е неовластен тужител кој го поднел обвинението после рокот, односно 25 дена по истекот на 18. месеци, односно на 29 јуни 2017 година, а надлежност СЈО воспоставило на 4 декември 2015.

„Дали роковите имаа растеглива димензија? Како што знам и како што сум учел во прва година на факултет, роковите се едни и тие значат смрт за одреден предмет, а во овој случај тоа е смрт за обвинителниот предлог против Сашо Мијалков“, рече адвокатот Петар Василев.
Според адвокатот Љупчо Шврговски, одлуката за притвор не требало да ја носи судечкиот совет кој ја донел пресудата, туку по објавувањето на пресудата одлуката за притвор ја носел Кривичниот совет. Фетаи, пак, порача дека постои исклучива надлежност на СЈО по предмети кои произлегуваат од неовластеното следење на комуникациите и тоа се однесува на сите судови на територија на нашата земја.

„Докажување на надлежноста на обвинителот во судството не постои. Постои само судир на надлежности. Без посериозен правнички напор може да се заклучи дека СЈО за сите предмети за кои постојат т.н. бомби има исклучива надлежност да постапува“, истакна Фетаи. Таа на јавната седница реплицираше на аргументите на адвокатите на Мијалков. Според неа, Кривичниот совет би можел да определи притвор ако обвинителството тоа го побара по неколку дена од објавување на пресудата, а во случајот СЈО побара притвор на самото рочиште на изрекување на пресудата, односно додека сè уште заседавал судечкиот совет во конкретниот предмет.

„Мијалков има пријавено привремен престој во Чешка, тој и членови на семејството имаат тука и во странство имот на свое име, има контакти со разузнавачки служби и против него се водат постапки за други кривични дела. Тоа се докази за опасност од бегство на обвинетиот Сашо Мијалков што ги констатирал и Основниот суд Скопје 1“, рече Фетаи.

Жалби до Апелацискиот суд поднеле сите обвинети во „Титаник 2“, меѓу кои и Бедредин Ибраими, кој е во притвор и осудените поранешни членови на Државната изборна комисија кои добија мерки за претпазливост. Жалба против мерките за обезбедување не поднел само лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој треба еднаш неделно да се јавува во Кривичниот суд. Во првостепената пресудата за „Титаник 2“, Мијалков е осуден на три години затвор, Мендух Тачи на три години и два месеци, Бедредин Ибраими на четири години и шест месеци, Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска добија по три години затвор. Според обвинението од СЈО, Мијалков како директор на УБК и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го искористил своето влијание и преку Мендух Тачи договорил да се усвојат приговорите за прегласување на три избирачки места во Струмица на локалните избори 2013 година.(Ф.Ф.С.)