Мицотакис: Ципрас повторно игра на картата поделба

Владата без план и без гаранции тргна да даде сѐ, доволни и беа само два симболични потези, преименувањето на автопатот и аеродромот, вели лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, кој испрати остри критики до грчката Влада за начинот на кој ги води преговорите за името.

Во обраќање пред пратеничката група на партијата, Мицотакис рече дека Ципрас, наместо да создаде консензус и поддршка од опозициските партии, формирајќи една заедничка линија, одбрал прашањето за името да го искористи за партиски интереси.

– Веќе сите сфатија дека преговарањето на владата уште од почеток беше погрешно. Без план, без гаранции, тргнаа да дадат сѐ, доволни им беа само два симболични потези, преименување на еден пат и на еден аеродром. Дури и основните прашања за иредентизмот и промената на Уставот ги ставија во агендата по соодветните барања од Нова демократија. И до овој момент сѐ уште не е разјаснето дали овие промени навистина се неопходен предуслов за да продолжи било каков разговор за името, како што ние се залагаме, рече Мицотакис и потенцираше дека „единството на сите партии би требало да е оружје за земјата“.

Според претседателот на Нова демократија, „Ципрас повторно игра на картата поделба“, бидејќи сакал да направи поделба во опозицијата, но не му успеало, а истото сакал да го стори и со народот „кога на почетокот ги нарече радикални десничари оние што учествуваа во протестите“.

-И ако нешто се покажа од постапките на Ципрас тоа е колку самата влада е поделена. Дури и денес, едно кажува СИРИЗА, друго Независни Грци, додека пак постојат доста министри кои до неодамна го поддржуваа решението само „Македонија“, а до денес ја немаат негирано оваа неприфатлива позиција, рече Мицотакис.