Мицкоски чека предвремени избори

Митингот на опозицијата на 2 јуни ќе значи почеток на падот на владата. Да излеземе на предвремени парламентарни избори и да ја поразиме оваа власт, изјавил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на средба со поддржувачи во Штип.

„Како политичка партија – и во минатото, но и во иднина  ќе нудиме решенија за граѓаните, да го подобриме квалитетот на нивниот живот бидејќи единствен капитал на Македонија се граѓаните и тие заслужуваат да имаат подобар живот. На 2 јуни ќе се собереме пред платото на Владата на Македонија каде што ќе ја одбележиме оваа една година на чемер и јад, на влада на СДСМ предводена од Зоран Заев. Ќе понудиме решенија, нови политики, но и ќе почне падот на владата на СДСМ, која се надевам дека ќе биде конечно поразена на предвремени парламентарни избори“, вели Мицкоски.

Тој нагласува оти се надева дека што е можно побрзо ќе бидат остварени и реализирани условите за да може опозицијата да се чувствува комотно и да излезе на предвремени парламентарни избори.

Околу прашањето за името, Мицкоски вели дека позицијата на ВМРО-ДПМНЕ е јасна и конзистентна. „Нашата позиција е јасна, повторена во низа наврати во минатото,  поврзана со спорот кој што го има нашиот јужен сосед со нашето уставно име. Таа е непроменета и потврдена од страна на партиските органи во изминатите денови“, вели Мицкоски.