Мицкоски со видео, а Груевски со ФБ-критика за Владата

Поранешниот премиер Никола Груевски, преку статус на фејсбук, ја критикува Владата дека го одложувала отворањето на автопатот Демир Капија – Смоквица, за, како што вели, да создаде привид во јавноста дека оваа делница е изградена по доаѓањето на СДСМ на власт.

„Една година новиот автопат го држеа завршен, а неотворен со лажно објаснување дека не е завршен, а всушност од градежните работи не беше завршено само преместувањето на еден далновод и контролната соба. Нешто за што требаат најмногу три месеци, поточно на крајот на август 2017 на тогаш автопатот именуван како ‘Александар Македонски’ да се пушти во употреба. Реалната причина всушност беше да помине една година и во перцепцијата на народот да се всади дека во поголем дел СДСМ го изградил овој автопат. А, всушност нема изградено ниту еден метар од автопатот во време на нивното владеење““, пишува поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во негиот најнов статус на Фејсбук.

По повлекувањето од челната позиција во ВМРО-ДПМНЕ, Груевски мошне често го користи фејсбук за да изрази критика против одредени политики на Зоран Заев, за разлика од неговиот наследник на партиското кормило Христија Мицкоски, кој воведе нова практика на комуникација со јавноста – преку видео-обраќања.
Само во последните пет-шест дена, Груевски напишал исто толку коментари на ФБ во кои ја критикува Владата, меѓудругото, и за тоа дека не започнала ниту еден нов проект во делот на инфраструктурата и капиталните инвестиции; дека ќе ги покачува даноците и дека се фали дека добила препорака без услов, иако владата на ВМРО-ДПМНЕ, како што вели, секоја година добивала такви препораки, сѐ додека социјалдемократите не предизвикале политичка криза.