Мицкоски: Најголемиот дел од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ или ќе апстинираат или ќе гласаат против

Сите граѓани во Република Македонија на 30 септември на претстојниот референдум треба да постапат според сопствено убедување, слушајќи го срцето и расудувајќи според разумот, истакна вечерва лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Телма, избегнувајќи конкретно да даде одговор на прашањето како тој како лидер на најголемата опозициска партија ќе постапи и каков пример ќе им даде на симпатизерите и поддржувачите на неговата партија.

– 30 септември ќе дојде за неколку дена и тогаш ќе го видите мојот став, нагласи Мицкоски.

Според него, најголемиот дел од членовите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ или како што рече ќе апстинираат или ќе гласаат против.

Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е принципиелна и јасна во однос на референдумот. – Доколку референдумското прашање во себе го содржеше само Договорот од Преспа ќе стоев зад тоа што го изнесов во јуни, дека ќе излезам на референдумот и оти ќе работам на тоа граѓаните да ги убедам да гласаат против, рече тој.

Додаде дека доколку прашањето било еднозначно и се однесувало само на Договорот, тој ќе ги повикал симпатизерите и поддржувачите на партијата да излезат и да гласаат против.

– Ако СДСМ го прифатеше нашиот предлог на една од лидерските средби, кој се однесуваше на Договорот, само тој да беше содржан во прашањето, ќе ги вкрстевме аргументите зошто тој Договор не треба да биде прифатен, рече Мицкоски, не давајќи конкретен одговор дали ќе излезе или ќе го бојкотира референдумот.

Мицкоски го повтори ставот на партијата за Договорот – не можеме да поддржиме, ниту да прифатиме промена на Уставот со цел промена на уставното име.

На забелешката дека тој постојано ги менува изјавите околу референдумот, Мицкоски рече дека ставот се градел во фази, додека се склучувал договорот, потоа откако бил постигнат, од партијата бил оквалификуван како капитулантски. Во третата фаза се формирало референдумското прашање и тука ВМРО-ДПМНЕ инсистирало тоа да го содржи само Договорот, а не, како што рече, да му се додаваат атрибутите ЕУ и НАТО, следната фаза била консултација со пратеничката група и структурите на партијата, по што излегол со ставот – секој да постапи по сопствено убедување.

Во врска со тоа дека партијата во својата програма го содржи прашањето за референдумот, Мицкоски појасни дека партијата е за евроинтеграција, нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име и ако се постигне евентуално решение нема да се дозволи политички елити да одлучуваат за тоа прашање и ќе биде даде на референдумско изјаснување.

Нагласи дека сметаат дека договорот не е добар и оти поставеното прашање не е решение и како такво не заслужува да биде на референдум.

– Граѓаните по сопствено убедување ќе одлучат како да постапат на 30 септември, а мое право е како лидер на опозиција да им објаснам дали овој Договор ним им гарантира подобар живот или не, повтори тој, забележувајќи дека според него никој од „другата страна не ни гарантира дека Грција нема повеќе да го користи своите политички мускули и да го попречува евроинтегририрањето“.

Истакна дека останува на ставот дека ако референдумот биде успешен, односно биде исполнет цензусот и ако мнозинството од излезените граѓани гласаат „за“, тој лично како Христијан Мицкоски тоа ќе го почитува, но не кажа дали тоа ќе биде почитувано на ниво на партија.

Вели немале координација за ова прашање, по референдумот ќе имаат координација на партиските структури и ќе донесат конечен став.

Одговарајќи на прашање истакна дека извесен период немал комуникација со Никола Груевки и негираше дека работи на негова амнестија.

(МИА)