Вучиќ: На регионот му пречи тоа што Србија е посилна

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека на земјите во регионот им пречи тоа што Србија е посилна.

– Зошто тие (медиумите во регионот) се радуваат на пропаста на Александар Вучиќ, зошто сум им проблем? Што сум направил против нив ? Им пречи тоа што Србија е посилна, изјави Вучиќ за Пинк.

Тој рече дека ги следи и регионалните и светските медиуми и оти забележал дека откако почнале протестите во Белград, најсилна поддршка доаѓа од Загреб, хрватските медиуми, приштинските, босанскохерцеговските.

Коментирајќи го интервјуто на Вук Јеремиќ за ТВ БИХ, Вучиќ рече дека гледал еден дел и оти било „одвратно за земјата“.

– Важно е дека од лажен патриот слушнавме дека Србија е виновна за сите судири. Откако сум тука, ние не сме имале никакви судири. Тоа е лична омраза и жал поради тоа што не може да биде на мое место, истакна тој.

На изјавата на Јеремиќ во тоа интервју дека Вучиќ е полош од Милошевиќ само не располага со иста воена сила, инаку „сега би било уште полошо“, тој потсети дека во воена смисла армијата е двојно поголема од тогаш.

– Но, јас само сакам да го зачувам мирот и стабилноста, заклучи Вучиќ.