Мицкоски во сендвич меѓу Груевски и реформите

Прекин на секојдневните протести и блокирање раскрсници во Скопје по серијата апсења за насилствата во Собранието, разговор со Зоран Заев и подадена рака за дијалог со внатрепартиските и надворешните политички противници ги обележаа првите десет дена од претседателствувањето на Христијан Мицкоски со ВМРО-ДПМНЕ. Аналитичарите сметаат дека сѐ уште е рано да се носат заклучоци околу начинот на раководење на третиот претседател во 27-годишното постоење на партијата, но првиот впечаток за нив е позитивен, иако сите потези досега имаа протоколарен карактер. Според нив, Мицкоски во моментов е во сендвич меѓу Никола Груевски, кој де факто го постави како наследник и промените што несомнено мора да ги има во разболеното вмровско ткиво.

Четириесетгодишниот професор по технички науки ја дочека новата година во Струмица заедно со синовите Антониј и Јован и сопругата Рози, која потекнува од градот каде што актуелниот премиер беше долгогодишен градоначалник. И првиот ден по победата на вонредниот партиски конгрес во Валандово, Мицкоски се помоли во струмичката црква „Свети петнаесет тивериополски маченици“. Истовремено, со неговото доаѓање на чело на ВМРО-ДПМНЕ, веќе не се организираат секојдневните протести што го блокираа Скопје, кои , сепак, немаа голем одѕив кај членството. Самиот тој неколкупати јавно се произнесе дека партијата не се откажува од притворените пратеници, функционери, членови и поддржувачи и побара нивно ослободување. Отиде во седиштето на Владата и час и половина разговараше со Заев надевајќи се дека ќе попуштат стегите меѓу двата најголеми политички субјекта во државава. За негова несреќа, само еден ден подоцна, судот им го продолжи притворот на уапсените, па пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и натаму ја бојкотира работата на парламентот. Откако Илија Димовски одлучи да го напушти координаторското место поради начинот на кој беше организиран конгресот, на негово место беше назначен Влатко Ѓорчев, кој одбра тактика на молчење и приклонување кон старо-новото водство. Тоа, всушност беше единствената позначајна одлука на Мицкоски во досегашното менаџирање со партијата. Побара време за да може да ги спроведе замислите и најави промени во однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ.

Испраќа пораки на инклузивност, покажува дека е подготвен за дијалог и за дискусија, бара да се разговара за отворените прашања, да се постигне договор или заеднички став за клучните работи што ја мачат Македонија, да се постигне компромис… Секако, доколку е можно, оти сепак тоа е двонасочен процес бидејќи отвореност и подготовка за соработка треба да има и од другата страна. Имаме сериозен проблем со притворените за настаните од 27 април. Јасно е дека власта не може директно да се меша во судството, но може да испрати одредена порака. Треба да се најде компромис и за влез во ЕУ, НАТО, да се одредат црвените линии за името, но пак ќе кажам, мора да има позитивна реакција и од другата страна, а тоа сигурно не може да се види со продолжување на притворот или со масовни отпуштања и реваншизми“, смета политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

Неговиот колега Петар Арсовски вели дека му се допаѓа стартот на Мицкоски, но оти допрва ќе му ги видиме политичките способности, затоа што следуваат најтешките одлуки за партијата.

Прво, мислам дека јавноста има мешани очекувања за новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, без оглед дали се вика Мицкоски или поинаку. Треба да бидеме свесни дека новиот лидер на партијата не можеше да биде избран без да има поддршка од Груевски, кој петнаесетина години раководеше со ВМРО-ДПМНЕ. Второ, Мицкоски не може да ги продолжи истите политики што ги водеше Груевски бидејќи тогаш реформите немаат логика. Така што мислам дека во овој момент Мицкоски игра на тенка линија меѓу сенката на Груевски и неопходноста да покаже различно водење на партијата. Всушност, вистинската борба ќе треба суштински да се води, затоа што во првите месеци од годинава ќе треба да се донесе одговор на клучните прашања: дали пратеничката група ќе се врати во парламентот, дали ќе ги поддржи реформите што се клучни за евроинтегрирањето на нашата земја, дали ќе го поддржи Законот за јазиците и како ќе се постави во однос на прашањето за името со Грција. Тогаш ќе видиме од каков материјал е Мицкоски, затоа што честитките што ги испраќа деновиве не се индикатор на неговите политички способности“, анализира Арсовски.

Облечен во темен костум и застанат крај новогодишната елка, Христијан Мицкоски во неделата им се обрати на јавноста и на граѓаните од својата канцеларија во „белиот дворец“ на ВМРО-ДПМНЕ. Во четириминутното видео тој вели дека знае оти сите ги чувствуваме предизвиците, тешкотиите и негативните последици од лошиот стандард, политичките турбуленции и затегнатоста на односите. Уверен е дека клучните владини ветувања за подобар живот не се исполнуваат, имаме општествен, економски и политички застој, поскапе дизелот, ќе скокне цената и на струјата, пазарот на земјоделски производи е изгубен, ќе се зголеми данокот на добивка и персоналниот данок…

Потребен е политички дијалог, политичките субјекти во Македонија не смеат да бидат непријатели, туку конкуренти, чиј натпревар е обезбедување подобар живот за граѓаните. Дијалогот е двостран процес. За него е неопходно разбирање и поддршка базирана на принципиелни основи. Секако дека има работи за кои како партија ќе оцениме дека вреди да се поддржат и за кои сме убедени дека се од интерес за граѓаните. За да има дијалог, мора да има слобода за искажување на критичката мисла. За да има слобода, мора да се стави крај на политичкиот притисок и одмаздата. Прогонот раѓа и желба за одмазда, а тоа е бумеранг што се враќа. Знам дека надежта кај многумина од вас е мала, но таа не смее да исчезне. Македонија може и мора подобро. Македонија мора да оди напред. Следете ме и оваа нова година ќе биде година на нова надеж и година кога граѓаните ќе ја препознаат вистинската енергија што може да направи подобра иднина за сите. ВМРО-ДПМНЕ ќе направи и внатрешни промени. И ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати посилно од порано“, најави во новогодишната порака Христијан Мицкоски.

Горан Адамовски