Мицкоски бара двобој за нови делби
Ерол Ризаов
Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ уште тераат партиска предизборна кампања. Најновиот изум е фрлената ракавица за телевизиски двобој со премиерот Зоран Заев за нови делби на граѓаните и подлабока омраза. Никако да прифатат дека референдумот не е избори.
Сè некако на таа воденица го насочуваат јазот, иако ова гласање на 30 септември е општонародно историско изјаснување за иднината на Македонија. Калкулацијата е ептен провидна. Во неуспешен референдум Мицкоски препознава нови избори и враќање на власт на ВМРО-ДПМНЕ и прекин на судските процеси против Никола Груевски и неговите најблиски соработници. Во поразот на Македонија и во попречувањето на нејзиното приклучување на НАТО и на ЕУ, Мицкоски ги бара спасот за партијата и корумпираното и компромитирано раководство.
Телевизиски дуел пред најзначајното изјаснување на граѓаните по независноста на Македонија би имал смисла само доколку би бил во функција да се зголеми излезноста, референдумот да добие легитимитет со поголема масовност. Во спротивно, повторувањето на излитените тези, кои во суштина се штетни, дека и Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се за членство во ЕУ и НАТО, но не со ваков штетен договор со Грција, само ја зголемува конфузијата и оди во прилог на најлошата определба за апстиненција и бојкот, што означува крај на македонските евроатлантски аспирации, бидејќи без договорот од Преспа тие се неостварливи.
Мицкоски и новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ не го прифатија идеалното решение кое го согледаа и основачите на партијата и повеќе членови и нејзини симпатизери и јавни личности, а тоа е реалноста дека договорот е незаобиколив услов за влез во НАТО и ЕУ и дека е невозможно да се добие поповолен од овој договор. Реалност што ја потврдија најодговорните луѓе и на ЕУ и на НАТО, повеќе светски државници и што е многу значајно, тоа го потврди и медијаторот на ОН, Метју Нимиц. Самоизолацијата на ВМРО-ДПМНЕ од историскиот чин е погубна за партијата. Делбите во земјата нема да ја заобиколат ни партијата, колку и да е под надзор на поранешното раководство.
Во една многу изгледна ситуација да успее референдумот без јасен став „за“ на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, партијата ќе биде запишана во историјата како противник на остварувањето на најзначајните приоритети на државата, велат и основачите на ВМРО- ДПМНЕ, чиј сон беа сојузите со НАТО и ЕУ, односно западната ориентација за која има општонароден консензус од првиот ден на независноста на Македонија.
Христијан Мицкоски по недозволено долго размислување не ја препозна извонредната шанса не само на Македонија, туку и на својата партија и неговата лично која можеше со референдумот да го устоличи како вистински лидер на партијата. Прво, коалициските партнери на власт ја презедоа одговорноста за компромисните решенија и болните отстапки што се направени во договорот. Тоа му овозможи на Мицкоски да се претстави како спасител на историскиот референдум прифаќајќи ја улогата на клучен играч кој ќе обезбеди масовност и успешност во изјаснувањето.
Притоа, евентуалниот предлог на ВМРО-ДПМНЕ до парламентот за заеднички проглас на сите политички партии до граѓаните да се излезе масовно на референдумот ја обезбедуваше неговата лидерска позиција и во партијата и во целата опозиција со голема предност, бидејќи одговорноста за отстапките во договорот паѓаа на товар на партиите на власт. Тоа широко му ги отвораше вратите на Мицкоски и за реформи во партијата и нејзино осовременување и ослободување од тешкиот баласт од претходното раководство. Наместо тоа, Мицкоски повикува на ТВ-дуел спроти референдумот со истата тврда реторика како и досега за договорот со Грција, што укажува дека тоа е исполнување на уште една нарачка на сопартијците од обвинителната клупа кои имаат само една желба – да се спасат од судската правда.
Тешко е да се поверува дека во ВМРО-ДПМНЕ не се направени посериозни согледувања, веројатно и разидувања и кавги околу тоа што значи да се дистанцира партијата од најзначајната историска шанса за иднината на државата. Ако се земат предвид и двата можни резултати од изјаснувањето на референдумот, и двата се погубни за партијата. Во случај референдумот да биде успешен, што е најизгледно, тоа би бил пораз на ВМРО- ДПМНЕ и голема победа на Македонија. Вревата за оправдување дека резултатите од референдумот биле наместени нема да има никаков ефект. По честитките од светот ќе почне и распаѓањето на партијата што ќе овозможи двотретинско мнозинство во парламентот за неопходните уставни промени.
Во случај излезноста да биде на граница или под законскиот цензус и да излезат помалку од 900.000 граѓани, од кои според проценките 750.000 и 800.000 ќе бидат за европска Македонија, тоа не може да биде победа на ВМРО-ДПМНЕ. Напротив, иако референдумот е консултативен, во тој случај оставката на премиерот Зоран Заев и Владата, како и распуштањето на парламентот ќе означат за 60 дена нови избори. Тие 750.000 гласови кои се за евроатлантските интеграции ќе се насочат кон предизборната коалиција за европска Македонија што ќе донесе повеќе од две третини пратенички места. Проблемот е во тоа што ваквото доцнење може да има сериозни негативни последици во односите со ЕУ и со НАТО, а многу веројатно и во Грција ќе предизвикаат охрабрување на противниците на договорот.
Од кои било од наведените причини, ако Македонија не ја оствари историската шанса за влез во Европа и членство во НАТО, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ќе носат голема одговорност дека во пресуден момент застанале и против државните и против партиските интереси. Тоа нема да биде ништо ново за оваа политичка партија, нејзиниот претходен лидер во претходните 11 години пред промената на власта тоа го правеше многу успешно, држејќи ја Македонија понастрана од Европа и НАТО, наоѓајќи оправдувања во лажниот патриотизам и наводното спасување на идентитетот на македонскиот народ. Овој пат нема простор за оправдувања, станува очигледна трагичната погрешна калкулантска политика под силен притисок на губитниците од судските сали.
Јавноста сè повеќе ги препознава не само лажните идентитетски и патриотски пораки, туку пред сè, значењето да не се испушти најголемата шанса во новата историја на независна Македонија и особено што членството во ЕУ и НАТО не се празни ветувања на бриселските бирократи, туку на највисоките европски функционери и државници. Пошироката јавност во Македонија деновиве ги осознава вистинските европски вредности и придобивките што ќе ги имаат граѓаните на Македонија. Пред налетот на вистината тонат долгогодишните пропаганди за НАТО како злосторничка организација и ЕУ како себична вавилонска ороспија која само што не се распаднала. Во тоа веќе не веруваат ни најтврдокорните пропагандисти. Историската оправданост Македонија да стане европска земја како и сите балкански држави ќе однесе голема победа на референдумот.