Мицковски: Оваа ненародна влада на чело со Заев мора да замине час поскоро

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оствари средба со членовите и симпатизерите на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Тетово. Тој пред присутните истакна дека оваа ненародна влада на чело со Заев мора да замине час поскоро.

Мицкоски посочи дека капиталните инцестиции се на катастрофално ниско ниво.

-Денес излегоа податоците за капиталните инвестиции. За 4 месеци владата има дваипол пати помалку капитални инвестиции од она што го сторила претходната влада истиот тој период лани. Значи го полнат буџетот со парите граѓаните, но не го трошат за капитални инвестиции што ќе значи раст на стопанството, туку за други непродуктивни трошења. А како го полнат? Собрале 23 милиони евра повеќе врз основа на акциза, а таа е акциза е онаа што ја покачија на почетокот на годината. Значи директно од џебот на граѓаните преку поскапување на горивото, одат во буџетот, кој гледаме како непродуктивно го трошат. Тоа е истата акциза за која ВМРО-ДПМНЕ бараше да се укине, а власта го одби предлогот, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека данокот на добивка се полни со инвестиции направени од претходната влада.

-Втората ставка по која што исто така ќе се пофалат е дека собрале повеќе средства во основ на данок на добивка, ама забораваат да кажат дека тие 25 милиони повеќе што ги собрале споредбено со минатата година се токму оние средства кои што „Џонсон Мети“ ги уплати во Буџетот како данок на добивка. Откако некој претходно успеа да го убеди Џонсон Мети да дојде во Македонија, да инвестира, да вработува и да стопанисува десет години и откако му заврши повластениот период да не плаќа данок на добивка, ова е првата година кога Џонсон Мети плати данок на добивка. И тие средства сега се уплатени во Буџетот на Република Македонија, кажа Мицкоски.