Минчо Јорданов во суд: Му дадов 5.000 евра на Божиновски, а тој објавува гадости за мене

Бизнисменот Минчо Јорданов му дал 5.000 евра на новинарот Зоран Божиновски за да направи аналитичко истражување и да собере информации за одредени фирми, но бидејќи не бил задоволен од истражувањето ја прекинал соработката со новинарот. Сепак тој продолжил да го уценува и да му бара уште пари.

Ова е дел од сведочењето на Јорданов кој според обвинителниот акт во случајот „Шпион“ е повикан да сведочи како оштетен. Јорданов стапил во контакт со Божиновски по препорака на пријател, јавува „Фокус“.

„Бидејќи имав интереси во повеќе компании, мене ми беа потребни податоци за тие фирми, за тоа дали се во процес на приватизација, како и одредени информации за партнерите, информации кои можат да го рашират и зајакнат бизнисот. Затоа ми требаше некој човек, а некои од моите пријатели, не знам кој точно, ми го препорача Зоран Божиновски“, истакна Јорданов.

Бизнисменот бил разочаран од работата на Божиновски и ја прекинал соработката со него. „Му дадов 5.000 евра на Божиновски за да направи аналитичко истражување, но за жал се покажа дека таа анализа беше подолу од било каков кафански муабет, без факти и поради тоа прекина нашата соработка“, истакна бизнисменот.

Јорданов во кафеана му кажал на Божиновски дека е незадоволен од неговата работа, но како што рече Божиновски не се согласувал и му барал уште пари.

Откако соработката прекинала, Јорданов истакна дека Божиновски во Буре весник почнал да го уценува, па ширел лаги како на пример дека во болницата Ремедика се вршело трговија со органи.

„Постојано објавуваше лаги и гадости за мене. А објавува и ден денес“, рече Јорданов.

Сепак на прашање на судијата дали по прекинот на соработката Божиновски му се јавувал и му барал пари, тој одговори дека не го барал и повеќе и не му барал пари.