Минчев против Селмани за аболицијата на Заев

Горан Минчев, поранешен пратеник и генерален секретар на СДСМ реагира на денешната колумна на претседателот на ЗНМ Насер Селмани во „Независен весник“.

Минчев, кој беше генерален секретар на СДСМ во времето кога на чело на партијата беше Радмила Шекеринска, а Бранко Црвенковски беше претседател на државата, спори со ставовите на Селмани во врска со аболицијата на актуелниот премиер Зоран Заев, кој беше притворен во 2008 година – кога беше градоначалник на Струмица и потпретседател на тогаш опозициските социјалдемократи. Тогаш опозицијата протестираше пред Кривичниот суд во Скопје, а случајот се затвори со одлуката на Црвенковски за аболицирање на Заев.

„Почитуван Насер, ти ја уважувам потребата да му веруваш на Зоран Заев. Тоа е твое демократско право и лична определба. Сепак, треба да земеш предвид дека за “наивните” тврдења во твојата колумна постојат драматично поинакви факти. Како тогашен генерален секретар на партијата и директен сведок на конкретниот настан многу добро знам дека барањето за аболиција на Зоран Заев до Бранко Црвенковски, освен од СДСМ беше упатено и од семејството на актуелниот премиер, за што постојат пишани докази. Се надевам дека ако Зоран ја прочитал твојата колумна, во интерес на вистината и самиот ќе го потврди истото. Што се однесува до апсурдноста на тезата дека наводно Црвенковски соработувал со претходниот режим, еве една дилема која сакам да ја наметнам за размислување – дали си го поставил прашањето зошто ги нема “бомбите” за “црниот понеделник”, во кој и ти самиот беше жртва? Кој знае, ако ги преслушаш можеби самиот ќе се демантираш“, наведува Минчев во реакцијата до „Независен весник“.

Селмани, во денешната колумна, насловена „Рано е да се откажеме од Заев“, пишува, меѓу другото, за апсењето на Заев и за, како што оценува, обидот за негова политичка егзекуција од страна на тогашниот претседател на државата Црвенковски.
„Зошто овој настан е битен за мене? Затоа што Заев тогаш покажа карактер и одби да се спогоди со режимот, дури и по цена да заврши во затвор. Началниците реагираа брзо и координирано кога видоа дека не можат да го скршат со заканата со затворска казна, па го амнестираа со цел да ја запечатат неговата политичка кариера уште на почеток. Знаеја дека ако Заев биде осуден и заврши во затвор, без разлика на обвиненијата што му ги ставаа на товар, во очите на македонската јавност, како успешен градоначалник на Струмица, ќе беше жртва на режимот и херој за граѓаните. Прашање на ден ќе беше неговото триумфално враќање во политиката и со тоа Груевски и Црвенковски ќе заминаа во историја. Сетете се на зборовите на тогашниот претседател Бранко Црвенковски, демек одлуката да го амнестира Заев му била една од најтешките“, пишува Селмани.

Целата колумна на Насер Селмани може да се прочита ТУКА.