Министер дал 3.000 денари за погребот на чичко Цобе

Два месеца откако почина, хумани граѓани речиси ги собраа сите потребни пари за да се погреба Слободан Минциковски, познат како чичко Цобе, човекот кој продаваше стари книги, списанија и учебници во една од дрвените куќички покрај кејот на Вардар во делот на „Дрво Декор“. Чичко Цобе почина во болница, околу десет дена откако беше нападнат на кејот на Вардар и од тогаш неговото тело стои во капела во Бутел бидејќи неговото семејство нема пари за погреб.Здружението „Вистински дела на љубезност“ заедно со отец Оливер иницираа хуманитарна акција преку социјалната група Фејсбук за да се соберат пари и да се погреба чичко Цобе.

Секторот за здравствена и социјална заштита на Град Скопје го контактирало здружението за да се најде начин чичко Цобе да биде погребан. Здружението побарало помош и од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа и заклучиле дека според правилниците немало основ да се покријат трошоците за погреб од државна сметка бидејќи не бил социјален случај, не примал социјална помош, а имал и куќа на негово име во едно од скопско село.

Едниот син му починал пред една година во сообраќјна несреќа, додека другите деца, син и ќерка немале услови да ги покријат трошоците за погреб. Откако ги исцрпиле сите институционални можности, здружението проблемот почнале да го решаваат вонинституционално. Објавиле на фејсбук дека се потребни средства за погреб на дедо Цобе и веднаш почнала да стигнува помош.

„Секоја сабота редовно го посетувавме и му носевме храна, но го посетувавме и во текот на седмицата, носејќи му постелнина, душеци, лекарства, завои и останато. По инцидентот чичко Цобе подлегна на повредите и од тогаш сѐ уште е во капела Бутел и нема кој да го погреба“, пишува на нивната објава.

По објавата, нашле погребна опрема од здружение од Драчево и издејствувале во АД „Бутел“ трошоците за негов закоп наместо 18.000, да бидат 12.000 денари, односно да не се наплаќа копањето.

„Еден министер кој сакаше да остане анонимен даде 3.000 денари, некој даде 1.000, некој 2.000 денари и ни останаа уште 2.000 денари да дособереме и да го платиме погребот. Се надевам дека до утре, петок, ќе биде завршена работата и дека чичко Цобе ќе биде погребан“, вели Тони Станковски од здружението на граѓани „Љубезност“.

Чичко Цобе беше нападнат на 3 август во 2 часот наутро на кејот на реката Вардар. Еден час по нападот, чичко Цобе сам пријавил дека непознато лице го нападнало и му нанело модринка на левото око и расекотина на десниот образ, а по неколку часа во 8,30 часот бил примен на Клиника. По инцидентот полицијата го пронашла напаѓачот и го привела во полициска станица. Станува збор за четириесет и тригодишен скопјанец против кого беше поднесена прекршочна пријава. По неполни десет дена, на 11 август, чичко Цобе почина на Неврохирургија на Клиничкиот центар во Скопје. По неговата смрт делото е преквалификувано и против напаѓачот е поднесена кривична пријава. Од обвинителството не откриваат детали за истрагата, но велат дека напаѓачот е во притвор.

„Надлежен јавен обвинител активно постапува и презема истражни дејствија. По нивно комплетирање ќе биде донесена одлука. Во меѓувреме, осомниченото лице е во притвор“, велат од Обвинителството.

Мотивот за нападот не го соопштуваат ниту од полицијата, ниту од обвинителството, но според неофицијалните информации кои не се потврдени, дедо Цобе бил нападнат поради одмазда. Пред неколку години група напаѓачи сексуално малтретирале девојче. Дедо Цобе бил сведок и ги идентификувал напаѓачите и бил нападнат од член на таа група која му се одмаздила бидејќи ги предал на полицијата.

Фросина Факова – Серафиновиќ