Објавен Конкурсот за Венециско биенале на уметноста

Министерството за култура денеска објави конкурс за финансирање на проект од Национален интерес во културата за учество на Македонија на 58. Биенале на уметноста во Венеција.

Право на учество на конкурсот физички и правни лица со проекти/изложби како самостоен автор или група автори.

„Под правни лица се подразбираат установи од областа на културата (национални, локални или приватни), здруженија, сојузи, асоцијации и други субјекти регистрирани за вршење дејност од областа на културата.
Учесникот на Конкурсот (доколку бил корисник на средства) треба да ги има исполнето претходно преземените обврски кон Министерството за култура во последните три години“, се нагласува во конкурсот.

„Независен весник“ веќе објави дека двајца македонски уметници ќе изложуваат на Биеналето во Венеција, но и тие имаат право да аплицираат на овој конкурс и да се обидат да ја добијат поддршката што министерството ја нуди.

Конкурсот е објавен денеска (26 октомври 2018) на вебстраницата на министерството и ќе биде отворен 30 дена.

Проектот/изложбата кој ќе биде избран од министерството за културата на овој конкурс ќе биде официјален претставник на Македонија на Биеналето на уметноста во Венеција.