Министерство за здравство: Филипче не ја префрли одговорноста на мајките

Министерството за здравство и министерот Венко Филипче во ниту еден момент не ја префрлија одговорноста за ниското ниво на функционалност на здравствениот систем кон идните мајки, реагираат од Министерството по обвинувањата дека за смртноста на бебињата, Филипче ги обвинил мајките оти не оделе на гинеколог.

„Беше потенцирано дека интензивно ќе се работи на подигнување на јавната свест, преку кампањи, промотивни материјали и предавања, со цел идните мајки ги препознаат ризиците и да побараат здравствена помош во текот на бременоста. Свеста кај жените мора да се подигне на повисоко ниво, посебно кај оние каде одењето на гинеколог, на редовни прегледи е табу тема. Решавање на недоволната информираност и несоодветната грижа на мајката за своето здравје, додека е бремена, како и недостапноста на родилиштата ќе биде наша задача во следниот период“, соопштија од Министерството за здравство.

Од таму велат дека подигнувањето на свеста на идните мајки е обврска на државата и на здравствените институции. Според Светската здравствена организација смртноста на родилките се должи на задоцнување на добивањето на здравствените услуги, а тоа се: ниската здравствена едукација на бремените жени, задоцнување во пристигнувањето до здравствената установа, која пружа акушерска грижа и  задоцнување во добивањето стручна грижа во самата здравствена установа.

„Само со координирано и посветено работење на подобрување на здравствената заштита на мајките и децата, поставување и имплементирање нови стандарди и нивна акредитација во сите нивоа на здравствениот систем – во примарна, секундарна и терциерна гинеколошко-акушерска и неонатална заштита, како и неопходното подигнување на јавната свест (свеста кај жените), може да се постигне сеопфатно подобрување на здравствената заштита на мајките и децата и намалување на стапките на заболување и смртност“, се вели во соопштението.