Министерството за финансии го објави Граѓанскиот буџет за 2018 година

Министерството за финансии денеска на својата веб страница го објави Граѓанскиот буџет за 2018 година во кој се претставени килучните информации од Предлог-буџетот на РМ за 2018 година,што Владата го достави до Собранието.

– За разлика од обемниот и детален Предлог-буџет на нашата држава, Граѓанскиот буџет е направен да биде едноствен и разбирлив и за граѓаните кои не се економисти, вели министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Ова е втор последователен Граѓански буџет што Министерството за финансии го објавува. Претходно беше објавен Граѓанскиот буџет за 2017 година, што беше усвоен од Собранието на РМ во август годинава.

Од Министерството за финансии најавуваат дека и натаму ќе продолжат редовно да објавуваат граѓански буџет, заедно со буџетите или нивните измени и дополнувања.

– Граѓанскиот буџет е една од алатките со кои Министерството за финансии ја отвора транспареноста и отчетноста на јавните финансии. Ние сметаме дека целосниот увид на јавноста во тоа како се трошат парите на граѓаните е важен исчекор во спречување на злоупотребите од страна на носителите на власта. Истовремено, нашата намера е преку зголемување на информираноста на јавноста да влијаеме на посилно вклучување на граѓаните во креирање на владините програми и политики. Поради ова, Министерството за финансии, првпат во историјата на Македонија, организираше јавна дебата на која ги претстави основите на Предлог-буџетот на Република Македонија за 2018 година, наведува министерот за финансии.