Министерството за култура ќе го раскине договорот за споменикот Мајка Тереза

Грандиозниот споменик во чест на Мајка Тереза што се гради на плоштад нема да го добие конечниот лик, скулптурална композиција со објект со тераса, фонтана, како и споменици на Мајка Тереза, милосрдни сестри и други компонентни кои на места требаше да достигнат висина и до 20 метри.
Министерството за култура одлучи да не го реализира до крај започнатиот проект од претходната власт како дел од „Скопје 2014“.
Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, во интервју за „Призма“, изјави дека министерството ќе го раскине договорот со изведувачот „Бетон“.
„Тоа што можам за првпат да го споделам со јавноста, е дека мошне скоро ќе го раскинеме договорот за изградба на објектот со скулптурална композиција што требаше да биде донација од индискиот бизнисмен Субрата Рој. Таа донација воопшто не се реализираше, а целиот товар падна на буџетот и граѓаните. Таа композиција, не само што го нарушува естетскиот изглед на плоштадот ‘Македонија’ и уште повеќе ги стеснува јавниот простор, пристапот и функционалноста, туку е и израз на мегаломанство што нема никаква врска со нашата нобеловка. Ги запревме градежните активности и во преговори сме со изведувачите за затворање на обврските кон нив за претходно извршените зафати, на начин кој нема да предизвика дополнителна штета по буџетот“, изјави министерот во денешното интервју за „Призма“.
Тој не посочи каква судбина ќе го снајде споменикот, кој требаше да биде еден од најграндиозните што почна да се гради на скопскиот плоштад. Истакна дека конечната одлука ќе се донесе откако и формално договорот за изградба ќе биде прекинат. На презентирањето на буџетот на Министерството за 2018 година, министерот рече дека споменикот е во замрзната фаза, се додека не биде одлучено дали тој ќе биде дообликуван како објект или ќе се работи на негово отстранување.
„Во оваа фаза на изградба, малку пари ќе бидат потребни доколку решиме да го конзервираме каков што е, вертикален ѕид со бел мермер и конструкција на фонтана. Тоа е веќе исплатено. Доколку се решиме на конзервација без сите дополнителни кич елементи кои беа најавени, нема да требаат дополнителни средства. Разговаравме со изведувачот и сите оние кои работи кои беа во проектот, во смисла на бронзени скулптури на ангели и позлата, тоа секако го запревме. Во овој момент композицијата чини околку 2 милиони евра, што е многу помалку од првично замислените средства“, рече Алаѓозовски пред истекот на ланската година